Практична работа
Образец за CV - пополнето се доставува на info@fon.edu.mk.

Освен во сферата на наставата и едукацијата на студенти, активностите на ФОН се насочени кон следење на модерните европски и светски трендови, кои подразбираат отвореност во комуникацијата со универзитети и други високообразовни установи од земјата и од странство, како и со домашни институции, организации и реномирани приватни фирми од Република Македонија и надвор од неа.
Подготвеноста на ФОН за соработка резултира со склучување многу договори со универзитети од земјата и од странство, но и договори со други институции, организации и приватни фирми од Македонија и надвор од неа.
Договорите за соработка со реномирани универзитети и други високообразовни установи создаваат простор за меѓународна мобилност на студентите, мобилност на наставничкиот и соработничкиот кадар, размена на студиски програми, заедничко организирање семинари, симпозиуми и други видови научни собири, како и размена на административен кадар за потребите на пренесување на искуства и знаење во практичната примена на принципите на Болоњскиот процес.
Склучените договори за соработка со други институции и организации ги отвораат вратите за студентите на ФОН за изведување практична работа во нивните служби. Преку реализација на одредбите од овие договори за соработка, ФОН, всушност, конкретно посредува и преговара со институциите каде што наши студенти би можеле во текот на летниот одмор практично да работат, со што ќе ја исполнат својата обврска за изведување практична работа и, што е уште позначајно, ќе се здобијат со дополнителни знаења и богато практично искуство.

Како резултат на тоа, голем дел од студентите на Факултетот за политички науки и меѓународни односи, преку Министерство за надворешни работи, остварија практична работа во дипломатски претставништва на Република Македонија во странство и во самото МНР.
Студентите на Факултетот за детективи и безбедност остваруваат практична настава во Министерството за внатрешни работи, додека студентите на Факултетот за правни науки, изминатите години во континуитет остваруваат практична настава во судови, јавни обвинителства, министерства и други државни институции.
Соработката со домашните институции, организации и приватни фирми, воедно отвора простор за реализација на можноста за вработување на наши студенти, по дипломирањето, во секторите и службите на овие субјекти. Со тоа ФОН Универзитетот останува доследен на зацртаната долгорочна политика на грижа за своите студенти и по дипломирањето. Како резултат на залагањето на Универзитетот за активно вклучување на студентите во општествениот живот по дипломирањето, денес сме горди на нашите први генерации на дипломирани студенти, кои веќе се на патот на градење успешна кариера во областите за кои се едуцирале на ФОН.
|