Бесплатни веб ресурси за учење на лица со оштетен вид

Програма за партиципација 2012-2013

Цели:

Целта на проектот е да се развијат и имплементираат бесплатни веб ресурси кои ќе бидат достапни за учениците со оштетен вид во основно и средно образование во Р. Македонија, како и за нивните учители. Овие ресурси воедно ќе бидат и платформа за бесплатно професионално усовршување на учителите за иновативно учење во ваквите училишта.

Инклузивноста на лица со хендикеп е круцијална обврска на едно модерно општество. Таа најефикасно се реализира преку едукацијата на овие лица. Овој проект е чекор над конзервативното учење и обезбедува учениците со оштетен вид да се стекнат со иновативна имплементација на електронско учење која се базира на последните ИКТ технологии за оваа категорија на корисници. Во рамките на проектот ќе биде искористен постоечки бесплатен портал за учење, популарен во државата, и ќе биде надограден со модул кој содржините ќе ги претвора во аудио материјал.

Модерното учење се базира на системи за управување со образовни содржини, како алатки за дистрибуција на содржини, но овие алатки се неупотребливи за лицата со оштетен вид без соодветни технолошки помагала кои вообичаено се многу скапи (Браеви редови или лиценцирани текст-во-говор модули). Нашата истражувачка група на ФОН Универзитет развива текст-во-говор (Text-to-Speech – TTS) модул за македонскиот јазик со многу задоволителни резултати. Нашите резултати се прифатени од Сојузот на слепи на Р. Македонија, како официјално тело. Можеме да го искористиме нашето експертско знаење да го интегрираме нашиот TTS модул со системот за управување со образовни содржини, така што последниот ќе го трансформираме и надградиме со аудио карактеристики. На овој начин, слепите лица ќе добијат пристап отворените содржини, упатствата, книгите, инструкциските софтвери и слично. Ова би било значаен чекор напред кон нивната инклузија и ќе им овозможи остварување на нивните генерациски права на модерното образование.

Време за имплементација: до крајот на 2013 година

Носител на Проектот: Факултет за информатика, Доц. Д-р Славчо Чунгурски

Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?