Дома · Контакт · e-Mail · Избери јазик: MK · ALB · EN 
Ф О Н   У Н И В Е Р З И Т Е Т
П Р В - П Р И В А Т Е Н - У Н И В Е Р З И Т Е Т - В О - Р . М .
   
 


Огласна табла

» Активности
» Соопштенија
» Распореди
» RSS канал
» ФОН во медиумите

Активности

Стипендирање за студентите на ФОН

Почитувани колеги,

Ве известуваме дека кампањата: И, во Македонија се може, која до сега беше насочена кон пронаоѓање и стипендирање на најдобрите матуранти од целата држава, ќе се прошири на ниво на цел универзитет. Односно веќе постоечките студенти ќе бидат вклучени во овој процес и ќе се доделат целосни и делумни вкупно 100 стипендии на сите факултети.

Имено имајќи го во предвид просекот на студентите (заклучно со јунската испитна сесија) како и серијата на натпревари за демонстрирање на знаењето и вештините на студентите по факултети, ќе резултира со прогласување на дополнителни 100 стипендисти на универзитетот во текот на следната академска година. Воедно ќе се избираат најдобар правник, најдобар економист , најдобар детектив , најдобар информатичар, најдобар лингвист , најдобар спортист , најдобар дизајнер и најдобар политичар.

Правните параметри како и деталниот план на кампањата ќе бидат објавени во текот на следната недела.

Дополнително ве информираме дека Центарот за развој и кариера ги активира постоечките договори со компаниите, министерствата, институциите и универзитетите ширум Европа, кои беа потпишувани изминатиов период. И сите постоечки студенти на ФОН, во текот на следните месеци ќе заминуваат на задолжителна пракса, со цел комплетирање на академското знаење. А потоа и аплицирање за работни места во партнер компаниите и институциите со кои ФОН држи блиска соработка.

Нови мастер програми под покровителство на Европската комисија - Темпус

Со потпишувањето на соработката помеѓу ФОН, Правниот факултет – Јустинијан први а преку посредство на Европската комисија – Темпус програма. Потпишан е договор за заедничка програма – Регионална заедничка мастер диплома за интелектуално право (Regional Joint Degree Master of Intellectual Property Law)

Со оваа програма ќе се отворат дополнителни бенефиции за студентите на ФОН Универзитетот, а преку соработката со државните институции и Европската комисија, се потврдува долгорочната определба на ФОН за квалитетни студии и имплементирање на европските димензии во вискообразовниот процес во Република Македонија.

Темпус

08.04.2009 Саем на образование

Почитувани, Универзитетот ФОН ве поканува на саемот на образование и кариера, кој ќе трае до 10 Април во Хала 4.

На саемот ќе може подетално да се запознаете со кампањите за стипендистите, програмите на универзитетот како и можностите за упис.

Ве очекуваме!

19.03.2009 6 години ФОН Универзитет

По повод празникот на Универзитетот 19 март, денот е неработен односно нема да се одвива настава.

Во текот на денот ќе бидат реализирани повеќе активности, меѓу кои:

- Свечена академија со почеток во 12 часот.
- Изложба на Факултетот за дизајн и мултимедија во просторија 616.
- Пинг-понг натпревар.
- Серија на научни трибини.
- Промоција на трудови.

Вечерта со почеток во 23:00 часот, во клубот Колосеум ќе започне забавата на која ќе се промовира годинешнава кампања за стипендисти: „И во Македонија се може!“, како и ревија на модели од спортската колекција на ФОН Универзитетот.

12.03.2009 Софтвер за слепи лица

Македонските весници, интернет страници и книги, ќе станат достапни за слепите лица. Новиот софтвер на кој работат професорите и студентите од Универзитетот ФОН, овозможува претворање на македонскиот текст во говор.

На проектот се работи веќе две години, а за неколку месеци треба да стане достапен за слепите лица.

„За прв пат во јавноста ќе се појави систем којшто веќе нема да има призвучја од блиските, соседни јазици“, рече асс. м-р Славчо Чунгурски, универзитет ФОН.

„И во иднина ќе инвестираме во вакви проекти, бидејќи академската средина во која се развиваат нашите студенти, пред се мора да го носи и предзнакот на хуманоста и желбата знаењето да биде ставено во функција на потребите на општеството“, изјави Сефер Цановски, генерален менаџер на универзитетот ФОН.

За слепите лица кои живеат во Македонија ова е голем чекор напред. Софтверот ќе им овозможи достапност до информациите на својот македонски јазик, без притоа да бараат помош од други лица.

„Бариерата на Браиловото писмо паѓа, значи вие ќе можете да ги читате сите интернет страници во Македонија, ќе може да го следите дневниот печат, да следите учебници во електронска форма, посебно со оној дел кој ФОН го прокламира сега - електронска библиотека“, вели Коце Димов-Сојуз на Слепи лица.

Проектот кој чини 150.000 долари, заедно го финансираат универзитетот ФОН и Интернационалниот „Лајон Клуб“.

13.03.2009 и 14.03.2009 Предавање на проф. д-р Dagmar Roettsches, Ница, Франција

На 13.03.2009 (18.00-20.30c.) и на 14.03.2009 (10.00-12.45c.) предавање ќе одржи проф. д-р Dagmar Roettsches, Ница, Франција. Во рамките на циклусот - International Relations и циклусот - Common Foreign and Security Policy

25.06.2008 Предавање на Евро-амбасадорот Ерван Фуере

На 25 јуни, амбасадорот на ЕУ во Република Македонија г. Ерван Фуере, ќе одржи предавање за студентите и присутните гости на тема: „Европските предизвици и интеграцијата на Република Македонија.“

Дополнително ќе бидат промовирани и задничките после дипломски студии на универзитетот ФОН и Европски институт за високи меѓународни студии од Ница, кадешто Г. Фуере е магистрант.

Предавањето ќе започне во 11 часот во свечениот амфитеатар, во објектот на ФОН на бул. Војводина б.б.

10.05.2008 - Истражувања од областа на говорни технологии на ФОН Универзитет

На ФОН универзитетот во рамките на Факултетот за информациски и комуникациски технологии од неодамна е формирана група за истражувања во областа на говорните технологии. Оваа група е составена од професори и асистенти кои ги испитуваат можностите за примена на постоечките системи за говорни технологии врз македонскиот јазик или евентуален развој на нови системи. Овие истражувања се темелат врз повеќе меѓународни и домашни научни трудови, а се дел од светскиот тренд во истражувањата во говорни технологии и нивната примена.

На 07 мај 2008 година беше одржана прес конференција на која беше презентирана работата на оваа група.

Групата истражува во областа на препознавање на говор на македонски јазик и синтеза на говор на македонски јазик. Со помош на овие две технологии може да се добијат интерактивни системи со кои би се комуницирало преку најприродното средство за комуникација меѓу луѓето - говорот.

„На тој начин компјутерот може да ви се обрати на Вас како корисник и Вие како корисник да му одговорите со средство на кое најмногу сте се навикнале, т.е. говорот“, изјави доц. д-р Иван Краљевски, професор на ФОН.

Според досегашните резултати најголем прогрес има во синтезата на говор на македонски јазик при што веќе е добиен систем применлив и во пракса, преку софтверкиот модул со проектно име TTS-MK.

„Во овој систем постои комплетна имплементација на правоговорот на македонскиот јазик, што значи акцентирање на зборовите според правоговорот, што при перцепција на корисникот лесно се одредуваат границите меѓу самите зборови, а и имплементирани се интонациски фрази“, рече м-р Славчо Чунгурски.

Една од главните примени на системите за синтеза на говор е нивна интеграција во софтвер за лица со оштетен вид, кој би им помогнал да користат компјутер, а со тоа и да се усовршуваат.

Развојот на софтвер за лица со оштетен вид е комплексна работа бидејќи ваков тип на софтвер е составен од два главни модули. Првиот модул е „читач“ на екранот кој ја чита содржината од екранот и составува описна информација за тоа што се наоѓа на екранот. Оваа описна информација се праќа кон вториот модул кој ја преведува во говор кој се пренесува кон аудио излезот на компјутерот. На овој начин лицето со оштетен вид во секое време знае што се наоѓа на екранот. За оваа намена TTS-MK модулот развиен на ФОН веќе е прилагоден за интеграција во комплетен систем заедно со светски познатите екрански „читачи“ Jaws, Undernet или NVDA.

Истражувачката група при ФОН универзитетот е отворена за соработка и со други институции во областа на говорните технологии. Резултатите кои ќе се добијат од истражувањата во синтезата на говор на македонски јазик ќе бидат искористени за подготовка на докторска дисертација при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.

Планови на иницијативата се во блиска иднина да се излезе и со ASR-MK - систем за препознавање на одделни зборови на македонски јазик и со TTS-SQ што би значело говорен синтетизатор на албански јазик, како и градење на општо наменски говорен корпус на македонски јазик.

08.05.2008 - ИНФОРМАЦИЈА ЗА СТУДЕНТИ

Почитувани студенти,

Ве известуваме дека менаџментот на ФОН Универзитетот изврши одредени промени во насока на намалување на финансиските трошоци кои се однесуваат на Вашето студирање.

За новата академска 2008/2009 година, голем дел од дополнителните уплати се значително намалени, а некои се комплетно укинати.

Во таа насока, ја укинуваме обврската за подготовка, одбрана и уплата на износ од 50 Евра за проектна задача. Доколку Универзитетот организира едукативни семинари, истите нема да имаат задолжителен карактер.

Годишната школарина за академската 2008/2009 имате право да ја уплатите на рати, и тоа:
- по завршување на јунската испитна сесија, сите студенти уплатуваат износ од 500 евра;
- студентите кои со јунската сесија ќе остварат кредити за упис на повисока година, од месец август започнуваат со плаќање на остатокот од школарината на еднакви месечни рати, со обврска школарината во целост да ја уплатат заклучно со 31.12.2008;
- студентите кои со септемвриската сесија ќе остварат кредити за упис на повисока година, од месец октомври започнуваат со плаќање на остатокот од школарината на еднакви месечни рати, со обврска школарината во целост да ја уплатат заклучно со 31.12.2008.

Статусот на студент на ФОН Универзитетот Ви овозможува достапност на сите услуги на библиотечната дејност на Народна универзитетска библиотека ,,Климент Охридски,, во Скопје. Трошоците за користење на услугите во целост ги сноси ФОН Универзитетот.

Искрено веруваме дека преку овие новини ќе Ви го олесниме патот до стекнување на универзитетската диплома која заради квалитетот на наставниот процес и високиот рејтинг на ФОН Универзитетот представува една од најпрестижните квалификации и гарант за успешна професионална кариера на нашите дипломци.

13.03.2008 - ЈАВНА ТРИБИНА

На ден 13 март 2008 година (четврток) со почеток во 18 часот во просториите на ФОН Универзитетот – Скопје ќе се одржи

ЈАВНА ТРИБИНА на тема: МАКЕДОНСКО-ГРЧКИТЕ ОДНОСИ И СТАТУСОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО
Трибината е во организација на Факултетот за политички науки и дипломатија при ФОН Универзитетот, а излагачи ќе бидат:
- Проф. Д-р Димитар Мирчев, декан на Факултетот за политички науки и дипломатија
- Александар Димитров, поранешен министер за надворешни работи
- Проф. Д-р Лазар Лазар, професор на ФОН Универзитетот
Влезот е слободен и се покануваат сите заинтересирани, граѓани, матуранти и студенти, да присуствуваат на јавната трибина. ФОН Универзитетот се наоѓа на бул. Војводина бб, кај мостот кон населба Аеродром.

05.03.2008 - Почеток на кампањата “И во Македонија се може“

Развојот на науката и на технологијата, транзицијата, странските инвестиции и брзиот растеж на дел од македонските компании ја наметнуваат потребата за оформување кадар којшто ќе одговара на потребите на македонските институции и организации. Воедно и кандидатскиот статус за членство на Македонија во ЕУ ја наложи потребата за брзо спроведување на реформите во сите сегменти на општествениот живот.

Еден од проблемите со кој секојдневно се соочува нашата држава е недостигот од стручен кадар, како последица на непостоењето соработка меѓу високообразовните институции и постоечките компании. Со воспоставување таква релација можат да се намалат проблемите во обезбедувањето квалитетен кадровски потенцијал, подготвен практично да ги примени теоретските знаења. Така ќе се обезбеди и успешна иднина на младата популација, со што ќе се запре појавата за напуштање на земјата поради напостоење јасна визија и сигурна професионална иднина.

Истражувањата покажуваат дека квалитетниот кадар се повеќе ја напушта нашата земја, поради неможноста да се оствари професионална реализација и да се добие награда за вложениот труд. Од година во година младата популација својата иднина се почесто ја бара во земјите на Европа и на САД. Дури и дел од приватните универзитети се ориентираат кон издавање странски дипломи и сертификати, со цел на младите да им овозможат работа во странство. Западот постојано демне и ги стипендира нашите најголеми таленти, а понуди за прибирање на перспективниот потенцијал од нашата земја пристигнуваат секојдневно.

Но, се разбира, таму не е излезот. Не е добро за земјата и невозможно е да си заминат сите 18.000 годинешни матуранти. Таа цифра зборува дека младите сакаат и мораат да се образуваат, но останува дилемата - каде потоа? Одговор на ова прашање нуди кампањата на нашиот универзитет под мотото „И во Македонија се може”, која ќе почне во академската 2008/2009 година. Нашата основна цел е да се избере најдоброто, да се обучи и да се задржи во границите на Македонија. Така ќе придонесеме за брз развој на квалитетот на работна сила во земјава и за доближување кон стандардите на ЕУ. Така ќе се зајакне и довербата кај младите дека и во Македонија е можна професионална реализација.

Долгорочната определба на ФОН Универзитетот е оформување на комплетен производ, кој високо ќе котира на пазарот на трудот и ќе биде баран во сите реномирани компании, институции и организации. Со тоа ние ќе ги потврдиме нашите досегашни резултати, а ќе добиеме образована, сигурна и полна со самодоверба младина, а со тоа и ценета држава во светски рамки.

Значи, успехот на оваа кампања го гарантира фактот што за првпат на овие простори образованието и стопанството се поврзуваат непосредно. Кампањата ја поддржуваат реномирани компании, а тоа сведочи за постигната зрелост кај голем дел од менаџерите, кои ја согледуваат потребата од ваквото поврзување. Со оваа кампања практично се удираат темелите за реформите во образованието.

Првата фаза во реализацијата на кампањата е селекција на најдобрите 300 средношколци од Македонија .Селекцијата ќе биде извршена во текот на април 2008 година, по пат на тестирање, а деталите и условите за аплицирање ќе бидат објавени на 5 март 2008 година. Стипендии ќе добијат 50 матуранти, но тоа не значи дека преостанатите ќе бидат елиминирани. За нив ќе има посебни пакети за студирање, во зависност од постигнатиот успех за време на тестирањето.

За избраните студенти ќе се формира посебно портфолио и тутор, кој ќе ја следи нивната евалуација низ годините на студирање. За сите студенти што ќе се запишат на ФОН Универзитет, покрај теоретското знаење, во текот на студирањето ќе се организираат врвни практични обуки. Соработката со компаниите се одвива на три нивоа: стипендирање, извршување практична работа на нашите студенти во нивните институции и предавања и презентирање на компаниите пред студентите од докажани, еминентни личности, успешни менаџери итн.

Во ова пригода се обраќаме и до родителите на идните студенти, заеднички да им помогнеме во нивната животна определба, да се соочиме со тоа дека нашите деца влегуваат во светот на возрасните и да им го олесниме овој крупен животен чекор на тој начин што сесрдно ќе им посакаме добредојде во светот на возрасните. Сигурната иднина на нашите деца е наша заедничка цел и обврска.

Со почит, ФОН Универзитет




Електронски услуги

ФОН Универзитет постојано ги следи и вложува во најновите технологии со цел да го подобри студирањето, да го направи модерно, да се добие побрз и полесен пристап до потребните информации и материјали. Затоа креирани се голем број на е-услуги: е-Учење, Распореди, RSS канал, Newsletter, Форум, Радио и др.



 


 

© First private university in RM - FON University 2010