Информации за упис

Продолжува традиционалната кампања И ВО МАКЕДОНИЈА СЕ МОЖЕ, насочена кон спречувањето на одлив на мозоци од Република Македонија и обезбедување вработувања за сите млади луѓе, иницирана од ФОН Универзитетот, Фондацијата Цаноски и најголемите македонски компании.

Оваа година преку кампањата сите кандидати ќе бидат ослободени од поголем дел од трошоците за школарина на ФОН Универзитетот. На овој начин, како општествено одговорна институција, ги отвораме вратите за сите средношколци во Македонија кои сакаат да добијат елитно и квалитетно високо образование.

- Квота 1 - 600 евра годишна школарина (300 евра по семестар), за ученици со среден просек од од 4.00 до 5.00

- Квота 2 - 800 евра годишна школарина (400 евра по семестар), за ученици со среден просек од 3.00 до 4.00

- Квота 3 - 1000 евра годишна школарина (500 евра по семестар), за ученици со среден просек под 3.00

Потребни документи за упис (во оригинал):
- Извод од матична книга на родени
- Државјанство
- Диплома за завршено средно образование
- Сведителства од 1 до 4 година
- 18.000 денари депозит за школарина
- 800 денари семестрални трошоци

Трошоците за депозит, школарина и семестрални трошоци се уплаќаат на посебни уплатници на жиро сметката на ФОН - 270-062-123-100-188 Халк Банка или пак без банкарски провизии на терминалите во аулата на универзитетот во Скопје.

НАПОМЕНА: Заради ограничениот број на квоти за студенти, студентите имаат право да се запишат со потпишување на пред-договор за студирање кој стапува во сила по објавувањето на ранг листите.

Сите документи во оригинална верзија се чуваат во досието на студентот до завршување на студиите. Во приемниот лист кандидатот се изјаснува на кој факултет се запишува и на кој наставен јазик ќе ја следи наставата. На ФОН Универзитетот се организира настава на македонски, англиски и албански јазик. На студии може да се запише и лице кои средно образование стекнало во странска држава, доколку дипломата му ја нострифицира Министерството за образование на Република Македонија. Под истите услови, на студии може да се запише и странски државјанин. Студиите на ФОН Универзитетот се со лично финансирање. Плаќањето на годишната школарина и другите меѓусебни обврски и права на студентот и Универзитетот се уредуваат со Договор за студирање кој се склучува по објавување на конечната ранг листа на примени кандидати. Секоја академска година се состои од два семестра (зимски и летен).

Наставата се организира согласно Европскиот систем за трансфер на кредити (ЕКТС). ЕКТС претставува систем на академско призна¬вање на студиите кој вклучува:

  • информирање за студиските програми и постигнувањата на студентот;
  • меѓусебната доверба на факултетите во состав на Универзитетот;
  • меѓусебно спогодување на партнерските установи на Универзитетот и другите универзитет во земјата и во странство;
  • употребата на кредити како мерка за оптовареноста на студентот.

 

ЕКТС се применува во остварувањето на студиските и на предметните програми за:
1. Стручно образование;
2. Додипломските студии (прв циклус на студии);
3. Последипломските - специјалистички¬те и магистерските студии (втор циклус на студии);
4. Докторските студии (трет циклус на студии);
5. Доживотно образование.

Предметите од студиските програми на факултетите во состав на ФОН универзитетот се едносеместрални. Ако природата на студиите тоа го овозможува, со студиската програма може да се прилагоди организацијата и временското распоредување на предавањата, семинарите и вежбите според можностите на студентите (вонредни студии).

Студентот има право испитите да ги полага преку колоквиуми. Во текот на секој семестар се организираат по два колоквиуми. Термините за одржување на колоквиуми се содржани во работниот календар за тековната учебна година.

Наставата и наставните активности во текот на еден семестар се организирани на следниот начин:

  • 6 седмици предавање и учење;
  • 1 подготвителна седмица пред полагање на првиот колоквиум;
  • 1 седмица за тестирање („колоквиумска седмица“);
  • 6 седмици предавање и учење;
  • 1 подготвителна седмица пред полагање на вториот колоквиум;
  • 1 седмица за тестирање („колоквиумска седмица“);
  • 1 подготвителна седмица пред завршното оценување;
  • 2 седмици за завршно оценување и испити.

 

Според ЕКТС завршната оценка за предметот кој се полага е збир на поени добиени од:

  • двата колоквиуми;
  • редовност во следење на наставата;
  • интерактивност во наставниот процес;
  • подговка на есеј, семинарски труд или проектна задача.

 

Во текот на студиите студентите имаат обврска да посетуваат практична настава.
Доколку студентот не го полагал испитот преку колоквиуми или доколку на тој начин не остварил доволно поени за пролазна оценка, има право испитот да го полага и во определените испитни сесии. Предметите за кои наставата се изведува во зимскиот семестар, студентот има право да ги полага во февруарската испитна сесија, а предметите за кои наставата се изведува во летниот семестар, студентот има право да ги полага во јунската испитна сесија.
Испитите по предметите кои нема да бидат положени во овие две испитни сесии, студентот може да ги полага во септемвриската испитна сесија.
По исклучок, на Универзитетот може да се организира и дополнителна испитна сесија ако координативното тело за спроведување на ЕКТС оцени дека за тоа има потреба. Одлуката за организирање на дополнителна испитна сесија ја донесува ректорот.
Студентот може да запише наредна година ако освои минимум определен број кредити од претходната година и ако ги положи фундаменталните предмети. Минимум освоени кредити кои се потребни за запишување на наредната година, на сите факултети во состав на Универзитетот, се определени во следните рамки:

  • за запишување на втора година – минимум освоени 30 кредит во прва година;
  • за запишување на трета година – минимум освоени 60 кредити, од кои 30 во втора година;
  • за запишување на четврта година (за студии 4+1)- минимум 90 освоени кредити од кои 30 во трета година на студии).

 

За студентите кои по пат на префрлување од друга високообразовна институција, студиите ги продолжуваат на ФОН Универзитетот, Комисијата за признавање испити и координаторот за ЕКТС на соодветниот факултет на кој се запишува студентот, со посебно решение ја определуваат годината во која студентот ќе се запише, врз основа на предходно положените и признаени испити во утврдена постапка. Студентот кој не освоил доволен број кредити за упис на наредна година, повторно ја запишува предходната година. Со повторно запишување на предходната година, студентот има право да следи настава по повторно запишаните предмети со следната генерација студенти. Доколку по тие предмети не се организира редовна настава на соодветниот факултет, Наставно – научниот совет на факултетот, по потреба, донесува одлука за организирање настава по тие предмети.

Во текот на тој семестар студентот има право да ги полага заостанатите испити преку континуирано оценување или во февруарската испитна сесија. Исто така, во текот на семестарот во кој повторно ја запишува предходната година, студентот има право да следи настава и по предмети од годината за која не остварил услов за упис. Доколку по завршување на февруарската испитна сесија студентот го освои минимумот определени кредити за упис на наредна година, ја запишува годината, со сите права и обврски како и веќе запишаните студенти.

Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?