Коктел во резиденцијата на Кралство Шпанија



На 15 мај 2015 година 10 студенти кои учат шпански јазик од сите студиски години на Факултетот за странски јазици предводени од Виш лектор м-р Наташа Алексоска и м-р Естела Пањеда Бокос беа поканети на коктел во резиденцијата на Н.Е. Г-динот Рамон Абароа Каранса, Амбасадор на Кралство Шпанија во Р. Македонија.

Во присуство на аташето за култура Г-дин Фернандо Лопес де Кастро Гаридо и советникот Г-ѓа Лаура Пуга (која во април 2015 год. гостуваше на ФСЈ со предавање во рамките на клиничката настава по шпански јазик) и други изучувачи и ценети гости, нашите студенти имаа можност да си го проверат степенот на познавање на шпанскиот јазик во неформална комуникација со домаќините и, во една навистина опуштена атмосфера со дискретна шпанска музика и традиционална храна, да се запознаат со други врсници со кои го споделуваат интересот за шпанскиот јазик и култура.

Амбасадорот го искажа своето огромно задоволство што се запознава со толку талентирани и вредни млади луѓе и изјави дека добрата страна на филологијата е што ги зближува и обединува луѓето. Амбасадорот ја повтори отвореноста на Амбасадата на Кралство Шпанија во РМ за сите студенти кои се интересираат за шпанскиот јазик и култура. Студентите се потпишаа во Книгата на гости на Амбасадата и се заблагодарија за прекрасната вечер, укажаната чест и непосредноста на домаќините.






Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?