„Со слика до детска насмевка“

„Со слика до детска насмевка“ е проект што е дел од традицијата на универзитетот ФОН - Скопје. Хуманитарен, но истовремено и научноистражувачки проект, кој овозможува целосна имплементација на теоретското знаење во практика од страна на студентите под менторство на професорскиот кадар. 
 

- Овој проект е веќе успешно спроведен на детската онкологија при Универзитетска клиника во Скопје, Зоолошката градина, а оваа година имаме чест да соработуваме со домот за деца „11 Октомври“. Целта е една од просториите што се користат како занимални за дечињата да ја исцртаме и да ја направиме попријатна за престој.

Цртањето е во рацете на студентите од Факултетот за дизајн и мултимедија под менторство на професорот Милош Милосавлевич. Покрај уметноста, организираме и работилници со дечињата и дополнителни активности, вели професорката и координаторка на проектот Александра Србиновска-Дончевски.

Куќи, облаци, сонце, море, риби, шаренило е исцртано низ ѕидовите на занималната на домот за деца „11 Октомври“. Освен боењето ѕидови, студентите имаа задача и да работат со децата и да ја поттикнат креативноста кај нив. Не требаше многу време да се пополнат листовите со шарените мисли на децата. Цртежите сами за миг се исцртаа. Желба не недостигаше, а инспирација уште помалку. 
Универзитетот ФОН додека работи на општествената одговорност, наедно мами детски насмевки, бои ѕидови, а студентите полагаат испити. 


- Децата се нашето богатство и нема поголема мотивација од искрена детска насмевка. А за да бидеме посреќно и подобро општество неопходно е современиот општествен систем да не се заснова на бирократски централизиран начин на управување. Затоа општествената одговорност треба да биде императив и глобална идеја, која е невозможно да ја игнорирате, ќе се карактеризира со етичко и одговорно однесување, а сѐ со цел негување и промоција на општествените вредности во едно општество - вели професорката Србиновска-Дончевски.

Универзитетот ФОН е високообразовна институција, која е во чекор со светските трендови во образованието. 


- Професорскиот кадар е целосно одговорен како педагог на младите генерации, кои треба да ги научат не само техничките вештини, туку и да им помогнат да навлезат во основните научни методи и да ги разберат општите културни и техничко-етички вредности имплицирани во знаењето како посебна сфера на општествената свест. Постои целосно изграден професионален однос професор - студент, со почитување на дигнитетот на личност, меѓусебно почитување и уважување, почитување на дистанцата однос професор - студент, максимална изразена пристапност, трпеливост и подготвеност за помош, сериозност во работата и комуникацијата. Професорот не е само предавач, тој мора да биде и идеал за студентите, тој треба кај студентите да формира научно, морално, естетско и социјално уверување. Но исто така се наметнува и целосно почитување на професорскиот кадар од страна на студентите преку редовна посетеност на интерактивната настава, вклученост во практична работа, тимска работа, учество на семинари, трибини, експертски предавања и слично - објаснува Србиновска-Дончевски.

Покрај овој проект универзитетот ФОН во текот на изминатите години направи многу настани со кои им помогна и на студентите и на пошироката јавност во издигнување на јавната свест на многу различни теми како „Меѓународен ден за борба против рак на дојка“, „Образование по мера“ - социјална инклузија на децата со посебни потреби, „Предизвик на говорникот“ - ораторски вечери на кои се натпреваруваа и студенти со посебни потреби под исти правила и услови како и другите оратори и уште многу други проекти.


- Веќе имаме целосно изготвен план за низа вакви и слични акции и за наредната академска година 2017/2018 година. Но и покрај планираните настани, секогаш оставаме простор за спонтаност, бидејќи хуманитарните настани за нас е невозможно да се игнорираат. Целиме кон етичко и одговорно однесување, а личните интереси на универзитетот ФОН мора да бидат социјално одговорни и да реагираат на импулсите што ни ги праќа општествената заедница - вели професорката.

Сефер Цаноски, дел од управниот одбор на ФОН, вели дека како општествено одговорна институција нивната задача е да помагаат. 


- Овде денеска пораката е јасна, не е само да се солидаризираме, туку и да им наметнеме на овие деца дека образованието, учењето, се една дополнителна мотивација, која ќе им помогне во животот да станат способни индивидуи, да се изградат себеси во личности што ќе бидат еднакви како сите преостанати слоеви во општеството. Пораката е дека сите сме исти, сите имаме еднакви можности и само преку квалитетно образование, само преку квалитетни социјални институции, реални вредности, сите ќе успееме заеднички. Сакаме да ги повикаме и другите образовни институции да направиме еден вид натпревар што ќе мотивира, кој ќе создава поголем квалитет, кој вистински ќе помага. Ова да е една долгорочна приказна, која ќе треба да ја прифатат сите слоеви на општеството, не само ние како универзитет, туку и другите образовни институции, владини, невладини организации, децава во ниту еден момент не треба да се заборават. Се надеваме дека овој пример ќе го следат и другите - ни изјави Цаноски.

 

Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?