Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор

Универзитетот ФОН во рамките на својот 15 годишен јубилеј, денес организираше трибина на тема: “Демократска контрола над работењето на институциите на безбедносниот сектор - потреба и предизвици”, во организација на Факултетот за детективи и безбедност.

На трибината говорници беа:  Хари Локвенец, Претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, Собрание на РМ, Иџет Мемети, народен правобранител, Павле Трајанов, Претседател на демократскиот сојуз, Томе Батковски,  Факултет за безбедност, Скопје, Мирјана Најческа, Институт за социолошки политички и правни истражувања и Звонко Давидович, Aдвокат.

Во рамките на воведното излагање, Ректорот Ружин истакна дека безбедносниот систем и неговата контрола е од суштинско значење за функционирањето на секоја држава. Ефикасната и ефективна контрола ни е повеќе од потребна за да не ни се случи повторно “држава во држава”

Претседателот на комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на РМ – Хари Локвенец, додаде дека една од најважните функции на собранието е токму контролата врз безбедносните служби. Потребно е одново да се изгради систем кој ќе спречи злоупотреба и ќе обезбеди доверба во институциите на системот. Посебно важно е воспоставување на еквилибриум помеѓу моќна и силна контрола а без тоа да се дозволи разорување на безбедносниот систем.

Народниот правобранител Иџет Мемети, во својот говор истакна дека е возможна но истовремено многу тешка надворешната контрола врз безбедносниот систем. Ова е проблем од осамостојувањето па се до денес. Најголем проблем е недостаткот на одговорност. Институцијата Народен правобранител во континуитет се соочува со потешкотии, недостапност на информации и однос на недопирливи структури.

Според поранешниот министер и пратеник Павле Трајанов, никаде во светот досега не е остварена контрола на тајните служби од страна на цивилниот сектор и такви очекувања не можеме да имаме. Реформи и сублимирање на сите сензитивни формации се мои сугестии, цивилната контрола треба првенствено да се извршува преку парламентот од страна на професионалци и експерти во оваа област.

Професорот Томе Батковски од Факултетот за безбедност истакна дека за жал ниту една суштинска промена не е направена изминативе 26 години. Потребни ни се помали и поефикасни служби кои треба да бидат раководени од професионалци со потреба од поголема координираност и синхорнизација. Безбедносниот систем треба да се спротистави на носителите кои ги загрозуваат вредностите во општествената заедница. Дополнително Батковски истакна дека е потребно да се воспостави совет за национална безбедност кој ќе обезбеди безбедносна оценка а истовремено ќе овозможи формирање на безбедносна пирамида.

Професорката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки политички и правни истражувања потенцираше дека како држава немаме правила, процедури и контрола. Не знаеме да спроведеме ништо што е прагматично и токму тоа е проблемот во Македонија. Постојат многу моќни структури кои имаат легитимитет да употребат сила. Концептот на заштита на човековите права треба да биде на највисоко ниво. Потребна ни е прецизна норматива и не смее повеќе да се практикува ни една безбедносна активност која стриктно не е регулирана со закон. Институциите вредат само онолку колку што вредат и луѓето кои работат во нив.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, посочи дека постоењето на овие служби е ограничување на човековите права, некогаш дозволено некогаш не. Основната причина за немање орговорност е фактот што никој никогаш не е изведен пред суд за злоупотреба на службите. Со само ова службите се ставаат над законот.

По завршувањето на дебатата од страна на говорниците, студентите и гостите имаа можност да поставуваат прашања и да дебатираат со говорниците.

 

Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?