Стратегии за креирање на јавни политики

По повод 15 годишнината од постоењето на Првиот Приватен Универзитет ФОН , Факултетот за политички науки организираше дебата на тема: “Стратегии за креирање на јавни политики”.

Учесниците во дебатата го дадоа својот придонес споделувајќи лични искуства и знаења од областите во кои професионално се остваруваат.

Новинарот Горан Михајловски, упати на позитивните примери кои се постигнати преку порталот “Сакам Да Кажам” во насока на подигнување на свеста за политичката одговорност и влијанието за креирање на јавни политики , посочувајќи го примерот со објавување на вест по која следеа оставките во Антикорупциска комисија како и подигнување на свеста за креирање на јавни политики за ретко болните лица.

Пратеничката во Собранието на Република Македонија, Ивана Туфегџиќ, ја акцентираше потребата од создавање на партиципативно спремни млади граѓани кои активно ќе придонесат во креирањето на јавните политики на централно и на локално ниво.

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, истакна дека крајно време е во Македонија институциите да создаваат политики во кои интересот на граѓаните ќе биде апсолут – или примарен. Истовремено, време е да се изменат и сите погрешни правилници, одлуки и правни решенија кои се наследени .

Градоначалникот на Крушево Томе Христоски, говореше за креирањето на јавни политики на локално ниво, посебно за Општина Крушево и плановите што треба да се остварат во неговиот мандат.

Ректорот на ФОН Универзитет, проф. д-р Нано Ружин ги опфати во своето излагање теоретските сознанија за јавната политика до сега. Проф. д-р Назми Маличи, Декан на Факултетот за политички науки, истакна за важноста на јавните политики во областа на животната средина, посебно во урбаните средини.

Проф. д-р Елена Тодорова укажа на демократскиот дефицит во Европската Унија и начините преку кои унијата се стреми да се доближи до граѓаните. Професорот Хорхе Мауро Местре Хорда, како гостин од Европскиот Универзитет од Валенсија го пренесе искуството на Шпанија во подигнувањето на нивото на транспарентноста.

Доц. д-р Јасмина Трајкоска ја истакна улогата на политичките науки во нашиот општествен контекст, посебно во делот на неопходност од политичка едукација на граѓаните и политичарите. Со овој настан се отвори една од најзначајните теми во актуелниот политички контекст во кој живееме, а за кој имаме одговорност сите, а особено носителите на јавни функции.

Сегашните и идните студенти на Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот ќе ја имаат одговорноста да се директни чинители на промените кои следат во политичкиот систем на Република Македонија Тоа значи дека потребно е да се изнајдат ефикасни механизми за поголема граѓанска професионална партиципативност и поголема транспарентност, отчетност, рационалност и отвореност од страна на централните и локалните институции во политичкиот систем.

Политичките науки постојат за да го научат граѓанинот дека не е само потрошувач! Неуморно, заедно со студентите, работиме на тоа!

Ви се допаѓа ли ФОН Универзитет?