Кампус на АУЕ-ФОН
Наставата на АУЕ-ФОН Универзитетот се организира во новиот Универзитетски кампус во населбата Аеродром, на површина од околу 30.000 м2, каде што се обезбедени најсовремени услови за работа и за настава, приспособени на потребите на примената на ЕКТС.

Универзитетскиот кампус располага со амфитеатри со голем капацитет од околу 300 и 200 седишта, но и со голем број помали предавални и училници во кои, во согласност со ЕКТС, наставата можат да ја следат помали групи, од 25 до 35 студенти.

Во наставниот процес на сите факултети исклучително се применуваат принципите на Болоњската декларација по моделот на ЕКТС. Овие студии на студентот му овозможуваат, пред се, мобилност во студирањето, следење на настава во помали групи, практична настава, изучување повеќе од еден странски јазик итн. Моделот на студирање, зависно од факултетот, е димензиониран на 3+2 години на студии или 4+1 година на студии.

Скоро на сите факултети, првите две или три години од студиите се организирани како општи студии, за веќе во четвртата година студентот да се насочи во потесната област, која претставува предмет на негов интерес или негова идна животна професија. Присутна е интерактивна настава, а условите за изведување на наставните активности се приспособени на потребите што ги налагаат спецификите на одредени факултети.


Објектот поседува капацитет за упис на над 10.000 студенти и во него постојат:
- современи амфитеатри;
- предавални;
- читални;
- библиотека;
- книжарница.
Целиот објект во секое време е поврзан со безжична мрежа.



