X
press enter »
MK
EN

Наставна практична програма на студентите од АУЕ-ФОН во „Макпрогрес“ од Виница

Теорија поткрепена со пракса е концептот кој што Американскиот универзитет на Европа-ФОН како високообразовна институција го применува во текот на едукативниот процес на студентите, со што ја покажува грижата за нивен комплетен професионалниот развој. Со практичната наставна програма по предметот Претприемништво, која АУЕ-ФОН ја организираше со посетата на компанијата „Макпрогрес“ од Виница, нашите студенти предводени од професорката Нада Петрушева имаа можност директно од генералниот директор, г-динот Глигор Цветанов да слушнат кој е рецептот за да се стане успешен претприемач, односно како од мала семејна компанија може да се изгради висок квалитетен македонски бренд, достапен и признат насекаде во светот.

Kомпанијата „Макпрогрес Виница“ е успешна приказна и е пример како една семејна компанија, може да прерасне во познат и признат македонски бренд, кој е достапен со своите производи ширум светот. Но кој е рецептот за успех, каков бил патот на малата семејна компанија која својата приказна ја започнува пред точно 31 година, со кои предизвици се соочувала со цел да се пробие на пазарот не само во Македонија, туку буквално на сите континенти? Како да се стане успешен претприемач и кои се предусловите да се опстои во услови на конкурентна средина?

Ова беа само дел од прашањата на студентите од Економскиот факултет на Американскиот универзитет на Европа-ФОН, а коишто директно им ги одговори првиот човек на Макпрогрес, г-динот Глигор Цветанов во рамките на посетата на компанијата, како дел од практичната наставна програма по предметот Претприемништво. Во рамките на презентација на својата компанија, која што се одржа во новиот Развоен центар за едукација на вработени и менаџери, г-динот Цветанов пред студентите на АУЕ-ФОН истакна дека пазарот е променлив и дека една компанија за да може да биде успешна, треба постојано да расте и да се развива.

„За успехот треба да се изборите сами. Морате постојано да го следите пазарот, да бидете професионални и да се подобрувате. Секој претприемач треба да биде пожртвуван и секогаш подготвен за иновации. Затоа, потребна Ви е здрава и силна конкуренција, која постојано ќе ве мотивира да бидете подобри и ќе ве води напред. И она што е најважно, постојано да инвестирате, како во вработените, така и во раст и развој на компанијата“, потенцираше Глигор Цветанов, генералниот директор на „Макпрогрес“, компанија која денес има широка палета на производи, располага со 6 различни бренда, од кои „Винчини“ им е најпозната и препознатлива на македонскиот пазар.

Студентите на АУЕ-ФОН во рамките на посетата на „Макпрогрес од Виница, имаа можност од основачот на „Consulting Inter Group“, Пенка Мукаетова да научат кои се предусловите за основање на сопствена компанија која што ќе успее да се оддржи на пазарот. Според Мукаетова, не е доволна само желбата, туку клучни фактори за гарантиран успех се: идејата, целта, визијата, мисијата, вистинска стратегија, планот и на крајот реализација. Сите овие фактори, како што потенцираше таа, водат кон загарантиран успех на секој нов претприемач.

Студентите од АУЕ-ФОН во рамките на практичната наставна програма по предметот Претприемништво особено уживаа во креативната кујна „Фантазија“, при што преку заедничка дружба имаа можност сами да подготват два различни рецепти на слатки-колачи, кои се дел од широката палета на компанијата. Се разбира, на крајот следеше дегустација и оценка на колачите.

А нашата оценка е академска 10-ка за целата организација, за споделувањето на тајните на еден успешен претприемач како што е „Макпрогрес“, за позитивната енергија во текот на целата  дружба со студентите, за прекрасната атмосфера, за секој споделен совет. Посакуваме успех и уште многу вакви заеднички соработки!