X
press enter »
MK
EN

Студенти од АУЕ-ФОН во работна посета на СКСМ

Студентите од Американскиот универзитет на Европа – ФОН на ден 28.12.2021 година беа во работна посета на Стопанската комора на Република Северна Македонија. Оваа посета, како дел од практичната настава за студентите од Економскиот факултет се реализираше со цел тие да се запознаат со улогата и услугите коишто ги обезбедува Стопанската комора, како најголема и највлијателна бизнис-асоцијација во нашата држава.

Посетата беше иницирана од извршниот директор на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, м-р Сефер Цаноски и од проф. д-р Нада Петрушева, професорка на Економскиот факултет, а со задоволство прифатена од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, г. Бранко Азески.

Со улогата на Стопанската комора како институција која ги застапува интересите на сите стопански субјекти членови на Комората, студентите беа запознаени од д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател во Стопанската комора на Северна Македонија. Таа на непосреден и на близок начин ги информираше присутните за начинот на функционирање на Стопанската комора на Северна Македонија, за здруженијата, групациите и за асоцијациите кои работат во Комората, но и за регионалната покриеност на Стопанската комора и за нејзината меѓународна соработка, истакнувајќи дека Стопанската комора на Северна Македонија за педесет дена ќе прослави 100 години од своето постоење, дека секогаш била и е значаен економски фактор и дека, според редоследот на вредноста, се вбројува веднаш по најрепрезентативните политички институции – Парламентот и Владата на РМ.

За улогата на „Вашата бизнис-канцеларија“ во својата презентација зборуваше Игор Тасевски, експерт во Стопанската комора на Северна Македонија. Тој ги запозна присутните студенти со начинот на функционирање и со документите и потврдите што ги издава Комората, а кои им се неопходни за надворешно-трговското работење на компаниите.

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите беа претставени од Нена Николовска, експерт во Стопанската комора на Македонија. Во своето обраќање, Нена Николовска ги истакна целите и задачите на Здружението, кои се во насока на разгледување прашања поврзани со унапредувањето на работењето и со решавањето на тековните проблеми во дејноста; со економската промоција и организација на саеми, изложби и посети на стопански делегации, кои се од интерес на членовите на Здружението; со иницирањето и со остварувањето соработка во однос на прашања од заеднички интерес со други здруженија во рамките на Стопанската комора; со остварувањето меѓународна економска соработка во согласност со програмските активности и со општите акти на Комората и др.

За Excellent SME MACEDONIA, како една од услугите што ги реализира Стопанската комора за успешните микро, мали и средни компании, во својата презентација зборуваше Валентина Цветковска, соработник при Стопанската комора на Северна Македонија. Печатот на веб-порталот Excellent SME MACEDONIA, којшто го издава Стопанската комора е сертификат за деловно работење. Сертификатот, во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ од Хрватска, им се издава на најуспешните мали и средни компании во Македонија.

Главната цел на сертификатот, што се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбедат и да се осигураат бизнисот и добрите бизнис-пракси, како и да се зголеми пазарната транспарентност.

Преку современиот начин на настава, напредните услови за учење, како и со практичната настава реализирана во соработка со успешни компании и институции, како во случајов со посета на СКСМ, Американскиот Универзитет на Европа-ФОН им овозможува на студентите одблиску да се запознаат со претприемништвото и претприемничкиот дух, како и да ги приспособи за прилагодување со предизвиците кои се составен дел од работењето на бизнис заедницата.