Ставови на Ректорската управа на ФОН Универзитет
Мислење за предложениот концепт за воведување на државен испит за студентите во Република Македонија
Врз основа на Барањето бр.19-1209/3 во врска со Информација бр. 13-17423/2 од 05.12.2014. од МОН, Ве информираме дека Првиот приватен универзитет ФОН ги сондираше мислењата на членовите на својата академска заедница и изгради единствен став кој во продолжение го доставуваме.
Ректорската управа на Универзитетот ФОН го разгледа предложениот концепт за проверка на знаењата на студентите. Управата останува уверена дека систематизирана форма на проверка на стекнатите знаења, особено оние кои се сметаат за базични за една дисциплина претставува чекор кон квалитативно преобмислување и подобрување на образовните процеси. Сепак, анализата на актуелната состојба во образовниот систем во Република Македонија отвора дилеми кои стојат на патот кон ефикасно спроведување на предложениот концепт. Универзитетот ФОН се придружува кон напорите за истражување на оптималните модуси за евалуација на стекнатите знаења и компетенции на дипломираните студенти, бидејќи и овој вид евалуација претставува начин на кој се идентификува степенот на оствареност на планираните образовни цели, како и одговорноста за исходот.
Нашето мислење е дека и постојните механизми како и законски регулативи го опфаќаат и елементот следење и контрола на квалитетот на високото образование. Имено, генералната дилема од која произлегуваат сите останати е дали одговорот на сите слабости или точки во кои е потребно сериозно преобмислување и реорганизирање лежи во само еден инструмент како што е државниот испит. Следствено, се отвора дилемата дали она што се случува во високото образование е резултат на недостигот од државен испит, и дали со неговото воведување ќе се постигнат позитивни промени или ќе се предизвикаат дополнителни проблеми.
Во врска со предложениот концепт на проверка на знаењата и структура на тестот, во продолжение е претставен список од хипотетички, но многу веројатни ситуации кои би можеле да го попречат ефикасното спроведување на замислениот концепт.
1. Начинот на проверка на знаењата во оваа форма е само давање легитимитет и официјализирање на државно ниво на една од основните слабости при проверката на знаењата – тестирање со заокружување, со што практично е невозможно да се оценат знаењата на највисоко ниво кои се резултат, не само на препознавање и едноставна примена, туку на аналитичко-синтетичко мислење, критичко размислување, способност за донесување судови, изложување на аргументација и за креативност и оригиналност на мислата.
2. На кој начин ќе се проверуваат стручно-уметничките дисциплини и општо, практичните знаења и вештини?
3. Дали постои начин реално да се изедначат критериумите за оцена 6 пропишани со акредитираните програми со критериумот за положување на даден предмет како дел од државниот испит кој содржи прашања од 10-20 предмети?
4. Дали е можно преку само пет прашања од еден предмет пообјективно да се проверат знаењата на студентите еднократно, земајќи го предвид техничкото, психолошкото, емотивното и друго влијание што во моментот на полагањето негативно може да се одрази врз исходот на самото тестирање, споредено со континуираното следење и вреднување од страна на компетентен наставник во тек на цел семестар?
5. Како техничката, непосредна имплементација на тестирањето ќе се одрази врз конечниот исход? Според најавите, тестирањето ќе се спроведува на ист начин како и во основното и средното образование. А познато е дека заради технички проблеми, одреден број на ученици, а со тоа индиректно и наставници, беа обесправени. Во такви случаи, дури и да се уважат приговорите, повторените полагања ќе бидат на штета на студентите.
6. Дали се разгледала можноста студент кој не поседува доволно знаења за положување на еден или повеќе предмети, да го положи делот од државниот испит што ги опфаќа првите две студиски години во кои се вклучени тие предмети?
7. Обратно, дали не може да се случи „солиден“ студент да не одговори точно на повеќе од две прашања од ист предмет, а сите други да ги положи со висок степен на точност во одговорите? Може, и тоа би значело неположување на државниот испит, а ваквиот концепт на полагање не подразбира дека ќе му се овозможи парцијално преполагање на само тој еден предмет.
8. Во врска со забелешките од точка 6, правилата на студирање според Болоњскиот процес, како и предвидените временски одредници за парцијално полагање на државниот испит, се отвараат и други проблеми: прво, студент може да полага предмети во состав на државниот испит кои претходно, не само што ги нема полагано, туку и ги нема запишано; и второ, со дописот не се регулирани ограничувањата во поглед на продолжувањето на студиите во случај на неуспешно полагање на државниот испит, иако официјално беа најавени преку медиумите; дали тоа значи дека нема ограничување, што подразбира опција студент да ги полага откако успешно ќе ги заврши сите обврски предвидени со студиската програма; последново пак имплицира дека, иако студентот ги исполнил условите за стекнување со диплома, заради неположениот државен испит, истата му се ускратува.
9. Без тенденција да се проблематизира составот на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, пред само девет професори се наметнува сериозен проблем, тие да поседуваат компетенции за сите можни подрачја и научни дисциплини, со цел, не само да селектираат прашања, туку да го реализираат процесот на спроведување на државниот испит, почнувајќи од изборот на компетентен кадар за секоја дисциплина? Кој ќе ги составува прашањата за секој предмет? Студиските програми на сродни факултети не се идентични, а секоја предметна програма има свои специфики во поглед на целите, предвидените компетенции согласно тие цели, содржините и литературата преку кои се остваруваат. Последица ќе биде ангажирање на армија универзитетски професори и преобемна техничка работа за да се состават неколку милиони прашања со кои би се обезбедило соодветство со секоја акредитирана програма. Сето ова државата би ја чинело многу средства од нејзиниот буџет. Намалувањето на обемот од оваа работа преку изработка на едни исти прашања за сродни студиски програми ќе предизвика проверка на знаењата преку прашања кои не се адекватни на предметните програми.
10. Дали е засегнато прашањето на правото на мобилност? Дали студент кој положил „половина“ од државниот испит и трансферира на друга студиска програма, пак ќе треба да полага две „нови“ половини од државниот испит? Логиката вели дека е така. Но тоа значи дека некои студенти дополнително ќе се оптоварат со повеќекратни полагања. И што е со студентите кои реализирале студиски престој во странство и им биле признаени испити кои таму ги имаат положено. Дали и во случај кога нивните знаења се неспорни, истите не би биле оштетени при проверките на знаењата заради различната користена литература, терминологија и слично? Уште поважно, што е со студентите кои своето високо образование го завршиле надвор од државата и нивните дипломи треба да бидат нострифицирани според постоечката регулатива и практика? По автоматизам, од нив нема да се бара полагање на државен испит, со што студентите кои студираат во Република Македонија ќе се доведат во нерамноправна и подредена положба во однос на претходните.
11. И конечно, анализирајќи ги современите психолошки теории за учењето, можат да се издвојат два генерални правци. Првиот е бихејвиоризам, познат и како метод на испорачана инструкција или “метод на фризби” кој подразбира повторување на моделот на учењето. Вториот пристап, карактеристичен за современите модели на учење, поврзани со општествата базирани на знаење е т.н. конструктивизам. Смислата на конструктивистичките модели е постоењето на знаењето во индивидуите, а новото знаење се генерира врз база на постојното знаење на студентот и новите информации што тој ги добива во процесот на учењето. Оценувањето во двата пристапа е различно. Кај бихејвиоризмот, оценувањето е лесно мерливо, бидејќи и знаењето е базирано на концепт на повторливост, познато кај нас како учење на памет, враќање на испорачаното фризби. Конструктивистичкото знаење е проверливо низ решавање на конкретни проблеми. Во овој случај, на студентот му стои на располагање целокупното негово знаење за да реши определен проблем. Затоа и според Болоњските препораки оценувањето е континуирано во текот на учењето. Студентите постојано се изложени на решавање на проблеми и се оценува секој нивен прогрес. Оттука, мерењето на знаењата на студентите така како што е предвидено во државниот испит е бескорисно мерење на одделни бихејвиористички елементи, а не на целото знаење на студентот и неговите капацитети да решава стручни проблеми.
Во настојување да даде конструктивен придонес и да се придружи на заложбите за подобрување на квалитетот на високообразовните институции, ставот на Универзитетот ФОН е дека во еден преоден период, додека се обмислува најсоодветната форма на спроведување на замислениот концепт, да се размисли за следното. Државните институции и приватните компании би можело да воведат посебни дополнителни проверки на знаењата на апликантите за вработување, како што впрочем и постојат (веќе воспоставени државни испити за одредени професии, посебни тестирања и интервјуа, соработка со универзитетите и следење на квалитетот на студентите преку нивно вклучување во работата уште за време на студиите, практикантска работа, итн), со кои ќе ги изберат најдобрите кандидати од дипломираните студенти.
Доколку, пак, е неопходно да се направи определена форма на ревизија на излезот од процесот на студирање, еден од начините го регулира Законот за високо образование, во Член 113, Став 1, според кој се остава простор студиите да завршуваат, не со изработка на дипломски труд што е востановена практика на најголем дел од студиските програми, туку со полагање на завршен испит. Истиот треба да е конципиран посебно за секоја акредитирана студиска програма, со компетенции, содржини и литература кои соодветствуваат на таа студиска програма, пропишани од страна Наставно-научниот совет на факултетот на кој истата се реализира. Неговата реализација ќе обезбеди, не само проверка на базичните компетенции на студентите, туку и систематизирање и интегративност на знаењата стекнати со изучување на поединените предмети во рамки на целата студиска програма. Одборот за акредитација и евалуација на високото образование може само да ја одобри програмата по која се спроведува завршниот испит и да интервенира со свои сугестии за нејзино подобрување. Полагањето на таквиот испит би се спроведувал пред повеќечлена комисија, писмено, усно и/или практично, може да вклучи и тестови, но не составени исклучиво од прашања што се одговараат со заокружување. Составот на комисијата може да е предмет на понатамошно разгледување, но најдобро е да е мешовит, со вклучување на наставници, не само од матичниот факултет, туку и компетентни наставници од други факултети и универзитети. Факултетите може да одлучат полагањата да се спроведуваат во присуство на делегирани членови од страна на Одборот за акредитација и евалуација, со што процесот на проверка на знаењата ќе стане потранспарентен. Самото полагање може да е незадолжително и да се остави простор политиката на институциите и пазарот на трудот да ја диктира потребата за истиот.
Скопје, 15.12.2014.
Ректор
Проф. д-р Симе Арсеновски, с.р.