X
press enter »
MK
EN

АУЕ-ФОН домаќин на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес за градење на доверба, заедништво и сојузништво со Бугарија“

СООПШТЕНИЕ

АУЕ-ФОН домаќин на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес за градење на доверба, заедништво и сојузништво со Бугарија“

 

Американскиот универзитет на Европа-ФОН денеска (29.01.2022) беше домаќин на конференцијата БГМК2030 насловена како „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“, која што се организираше со поддршка на Renew Europe со идеја да се поттикне дебата за моменталната состојба помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, да се дискутира отворено за предизвиците и можностите за граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво помеѓу двете држави.

На конференцијата учествуваше премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пратеници од Собранието на Република Северна Македонија пратеникот во Европскиот Парламент Илхан Ќучук, амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Ангел Ангелов, министерот за локална самоуправа Горан Милевски ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Билјана Пулеска Јанушевска, проректорот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Велико Трново, Република Бугарија, претседателот на АЕУ-ФОН, Сефер Цаноски, Милко Палангурски, како и повеќемина претставници на локалната самоуправа од Северна Македонија и Бугарија.

„Мојата и намерата на мојот пријател и колега, премиерот Петков, е да отвориме најшироко поле за соработка меѓу голем број засегнати страни од општествениот живот. Граѓанскиот придонес, придонесот на академијата и на соработката на високообразовните институции се еден важен елемент во тој процес. Точно е дека испишувањето на новите страници на односите меѓу двете земји е поставена на највисоко ниво, на ниво на Влади. Но, јас и премиерот Петков ја презедовме иницијативата да се водат инклузивни разговори, од долу нагоре. Односно проектите за унапредување на соработката и на пријателството меѓу народите на двете земји да дојдат од тие кои се директно засегнати за нив и кои ќе бидат директно задолжени за нивно спроведување.

Драго ми е што во истата недела по одржувањето на меѓувладината седница, веќе имаме еден собир на којшто е присутна академската заедница, професори и студенти и размената на мислења и знаења за она што е современо во општеството и она што може да донесе нов импулс во односите помеѓу двете држави и нова вредност во однос на унапредување на квалитетот на перформансите на нашите студенти и нивната подготвеност за работа и соработка. Тоа потврдува дека е вистинската насока, дека две соседни земји треба да разговараат и тој разговор да доведе до градење на доверба која ќе донесе резултати на политичко поле за унапредување и на соработката и на политичките и општествени процеси“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на денешното отворање на конференцијата БГМК2030 „Граѓански придонес за градење на доверба, заедништво и сојузништво со Бугарија“.

„Високото образование никогаш не било покорисно за поединецот и за општеството на една земја воопшто. Зголемената стапка на лица со високо образование се чини дека е меѓу клучните фактори за подобрување на квалитетот на животот на луѓето и унапредување на глобалната економија. Образовнието нè турка кон поголеми цели и вредности во животот, нè охрабрува да го постигнеме нашиот потенцијал, нè учи да ја  почитуваме и збогатуваме културата, духот, вредностите и сето она што нè карактеризира како луѓе. Токму затоа АУЕ – ФОН е секогаш отворен за интердисциплинарна и меѓународна соработка, за размена на искуства и знаење и  за професионален и кариерен развој на своите студенти како функционални индивидуи кои ќе придонесат за развој на општеството и меѓукулутурен дијалог“, истакна ректорот на Американскиот Универзитет на Европа-ФОН, Пулеска-Јанушевска на отворањето на конференцијата.

Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија Илхан Ќучук на денешната панел дискусија потенцираше дека особено значајно што премиерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски директно придонесува за имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи според членот 4, став 2 стои дека „ Двете договорни страни ќе помогнат во одржувањето контакти меѓу локалните власти и граѓаните на двете земји.

Според него Бугарско-македонските односи немаат алтернатива за регионот и имаат голем потенцијал, не поради историјата или политиката, туку пред се затоа што луѓето, обичните луѓе, можат слободно да комуницираат и да се разбираат, без употреба на странски јазици и без посредници. И штом можеш да разбереш некого, можеш и да го слушаш и да изградиш блиски односи засновани на заеднички аспирации за подобар живот, без граници, во Европската унија, еднаков на Германците, Французите и Шпанците.

Претседателот на Американскиот универзитет на Европа-ФОН, г-динот Сефер Цаноски, кој има 20 годишно работно искуство во приватното високо образование на коференцијата ја истакна потребата од трансформација и потребата од нови насоки во кои треба да се движи образованието. Toj ги истакна бенефитите од потребните трансформации, значењето и улогата на образованието во општеството, а при тоа потенцирајќи ги малите суми наменети за развој на науката и истражувањето како главен проблем во нашата земја. Кон ова, Цаноски додаде дека универзитетот АУЕ- ФОН со својата трансформација ја следи агендата на UN2030, при што потенцираше дека се наоѓаме пред генерациски избор - движење по неодржлив пат или радикална промена на курсот.

„Нашата татковина е земја без излез на море, имаме плати и стандард понизок во однос на регионот, се соочуваме со постојан одлив на млади умови  и токму поради тоа неопходно е да најдеме начин да го подобриме образованието, кое е првиот столб кој ќе не поведе напред. Соработката со соседните земји, меѓународната соработка сè повеќе од потребни во развојот на науката и образовнието“, истакна г-динот Цаноски во своето обраќање на конференцијата и при тоа побара од сите чинители заеднички да се донесе долгорочна дваесет годишна стратегија за образование, каде младите ќе бидат во центарот на едукацијата и ќе бидат идните залагачи за правда и правичност, подобрување на економијата и напредок на техничко технолошката индустрија. Само со добар образовен систем, со едуцирани деца ќе имаме шанса за подобра иднина.

„По заедничкатата владина средба во Софија, соработката сега продолжува и на локално ниво на универзитетско ниво. Ова е еден придонес на либералите кон приближување и зајакнување на односите на локално ниво но и на образовно ниво, рече претседателот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски.

 Милевски додаде дека треба сите политички партии и други општествени, културни образовни чинители да продолжат по овој пат.

 „Ние како општини во Македонија треба да го земеме искуството од Бугарија за проекти кои ќе бидат  од голема помош кога ќе започнат преговорите со ЕУ да што е можно побрзо ги исполниме критериумите за членство во ЕУ но и да знаеме како да ги искористуваме максимално пред-пристапните фондови. И кога биле заладени односите помеѓу двете држави навистина општините функционирале беспрекорно работеле на заеднички проекти“ појасни Милевски, истакнувајќи дека многу важна е креативноста на општините да даваат иновативни проекти кои што ќе значат забрзан развој.

 „Сега не е време да се молчи, ниту како млад човек, ниту како политичар, туку да се зборува гласно за сите придобивки од заедничкото развивање на двете земји и двата народи кои сонуваат за подобра иднина, подобар животен стандард и регионален и економски развој, рече Моника Зајкова - парламентарка и потпретседателка на Либерално-демократска партија

 Според Зајкова постојат многу земји во светот кои имале меѓусебни конфликти и треба да учиме од нивните искуства и да се фатиме за работа, да ја искористиме геостратешката положба за дополнителен развој на патната структура, туризмот како и меѓуграничната соработка.

 „Да ја користиме соработката помеѓу граѓанските и младинските здруженија. Тоа ќе ни помогне во развојот на образованието, студентската мобилност и секако создавање услови каде токму младите ќе развијат желба да останат дома и да придонесат за подобра иднина на двете држави“, истакна Зајкова на граќанската конференција која што се организираше со идеја да се поттикне дебата за моменталната состојба, предизвиците и можностите за граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво помеѓу двете држави.