X
press enter »
MK
EN

Руската инвазија на Украина ќе го забрза пристапот на земјите од Западен Балкан кон НАТО и ЕУ

Американскиот  универзитет на Европа – ФОН за студентите од Факултетот за правни и политички науки и од Факултетот за детективи и безбедност организираше предавање на тема „What the Russian invasion of Ukraine Means for the Western Balkans: It is Not as Bad as You Think“. Предавач беше др. Крис Долан, професор и директор на магистерската програма за разузнавање и безбедносни студии на колеџот „Lebanon Valley“ од Пенсилванија, САД.

Во своето предавање, професорот Долан потенцираше дека иако светот во глобални рамки ќе се соочува со повисоки цени на нафтените деривати и со недостаток на храна, сепак руската инвазија на Украина ќе помогне да се забрза пристапот на земјите од Западен Балкан кон НАТО и ЕУ. Во овој контекст, Соединетите Американски Држави се усогласуваат со Европската Унија и повторно се ангажираат да се спречи дестабилизацијата на Западен Балкан, но и да се обезбеди позитивен пат напред на земјите од регионот, за нивна побрза интеграција во ЕУ и во НАТО.

 „Соединетите Американски Држави во минатото посветуваа помалку внимание на Западен Балкан. На регионот не му се даваше приоритет со оглед на годините на хиперфокусирање на САД кон Азија и Кина. Во меѓувреме, политичкиот  екстремизам во Западен Балкан е во пораст, особено на посредниците. Треба да сè има предвид дека во моментов слаби точки во регионот се Босна Херцеговина и Косово, каде лидерството на САД сега е најпотребно. За да го направи ова, САД мора да се ангажираат повеќе и да работат со Република Србија“, истакна Крис Долан пред студентите на АУЕ - ФОН.

Според него, Соединетите Американски Држави, но и светот во целина ќе мора да ја реконципираат безбедноста во смисла на хибридно војување и да посветат поголемо внимание на сајбер нападите, дезинформациите и операциите на влијание.

Професорот Крис Долан пред почетокот на предавањето оддржа и работен состанок со менаџментот на Американскиот универзитет на Европа - ФОН, каде што споделија искуства за начините за подобрување на квалитетот на високото образование, при што се посочи можноста сите заинтересирани студенти и професори од Македонија да аплицираат за целосно стипендирање преку Фулбрајт програмата.

Инаку Долан е член на Одборот на Советот за светски прашања и на Здружението за надворешна политика и проектот за транзиција на Белата куќа. Негов фокус на интерес се американската национална безбедност, разузнавачка анализа, хибридна војна, сајбер безбедност, дезинформации и операции на влијание.