X
press enter »
MK
EN

Дилемите околу правото на абортус не изгубија на актуелност и во 21 век

Факултетот за правни и политички науки во рамките на својата годишна програма,  организираше дебата за студентите на тема „Право на абортус“, на која како специјален  гостин присуствуваше Маргарита Цаца Николовска - претседател на Институтот за човекови права, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права и поранешен меѓународен судија на Уставниот суд во Босна и Херцеговина, со свое излагање на темата “Права и слободи од Европската конвенција за човекови права кои се поврзани со прашањето на абортусот”.

Контекстот на дебатата беше да се согледа актуелната состојба на планот на остварување и заштита на правото на абортус низ призмата на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и да се согледаат бранувањата во Американското општество откако станува се` поизвесно дека Американскиот врховен суд ќе го укине историскиот преседан од 1973 година со кој абортусот стана легален на национално ниво.

Пред почетокот на дебатата, проф. д-р Сејдефа Џафче, декан на Правиот факултет на АУЕ – ФОН истакна дека дилемите околу правото на абортус не изгубија на актуелност и во 21 век, особено по бранувањата во американското општество, откако станува сè поизвесно дека Американскиот врховен суд ќе го укине историскиот преседан од 1973 година со кој абортусот стана легален на национално ниво.

 “Новата судска одлука укажува дека победата на женскиот „избор“ била ограничена, како што предупредуваа многу активисти, иако американскиот модел на борба за „женските права“ и правото на абортус преку судовите беше модел за жените ширум светот. Од Аргентина и Колумбија до Полска, жените се потпираа на судските одлуки за правото на абортус како гаранција за личните права и слободи и телесниот интегритет. Затоа, моментот на „предавство“ е важен не само поради содржината на одлуката со која се укинуваат правните принципи кои го легализираат абортусот во голем дел од Соединетите Американски Држави, туку и поради тоа што новата одлука и можноста за таква одлука ја „поткопуваат“ демократската кауза на американското општество“, истакна Џафче во своето воведно обраќање.

Говорејќи за искуството како поранешен судија на Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска истакна дека Европскиот суд нема утврдено консензус по прашањето на абортусот. На оваа прилично чувствителна тема се фокусира Совет од 17 судиии коишто решаваат на поединечни претставки на апликантки на кои во сопствената држава им е забрането правото на абортус, но никогаш Европскиот суд не донел едногласни одлуки. Сепак, според Маргарита Цаца Николовска голем број од претставките добиваат одговор дека е повредено правото на приватност и автономија на жената за абортус.

„Европскиот суд при разгледување на претставките, кога станува збор на случаи за овозможување на абортус врз основа на автономија на личноста визави правото на фетусот кое што државите различно го третираат, тогаш секогаш натежнуваат елементите на автономија, односно на приватност на жената“, истакна Маргарита Цаца Николовска која додаде дека во маргините на оценување за правото на абортус влегуваат културата,  религиозните убедувања и моралните вредности на различни земји.

Татјана Срцева - Павловска, вонреден професор по британска и американска книжевност и феминистички теории и критики при Факултетот за странски јазици, говорејќи на темата „Про-живот одлука како антипод на општите човекови права и слободи -  дали Врховниот суд на САД ќе стави точка на Ро против Вејд и знак прашалник врз американската демократија“ пред студентите на АУЕ – ФОН истакна дека САД ги одбројува последните денови на репродуктивната слобода.

„Многу е веројатно дека милиони жени ширум САД наскоро би можеле да го изгубат своето законско право на абортус. Информациите кои протекоа во јавноста на 2 мај од тајниот нацрт-документ на Врховниот суд, сугерираат дека највисокиот суд во земјата е целосно подготвен да ја поништи одлуката од 1973 година со која се легализираше абортусот на федерално ниво, давајќи им неограничени права на жените за абортус во првиот триместар од бременоста и ограничени права во вториот триместар. Ова таканаречено протекување кое е повеќе од шокантно, го прикажува ставот на врховниот судија Семјуел Алито, кој изгледа има мнозинство во Судот.  Со ваквото можно сценарио и укинувањето на абортусот, Америка би се вратила 50, ако не и 100 години назад во однос на демократските права и слободи“, истакна Срцева – Павловска.

На дебатата, свое обраќање пред студентите имаше и Елена Тодорова, редовен професор на Факултетот за правни и политички науки на тема “Право на абортус- тема која и понатаму го поларизира светот”.