АУЕ – ФОН ЈА ЗАЈАКНУВА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА СО ФАКУЛТЕТОТ ЗА УМЕТНОСТ ОД НИШ
Американскиот универзитет на Европа – ФОН периодов интензивно ја зајакнува регионалната соработка со универзитетите од регионот, создавајќи исклучителни можности за развој и професионално усовршување на студентите и наставниот кадар.
Факултетот за уметност при Државниот Универзитет во Ниш, од Република Србија стана нов партнер на АУЕ – ФОН, при што главен фокус е реализација на заеднички проекти од интерес на студентите, овозможувајќи им продлабочување на нивните знаења, искуства и вештини, како гаранција за просперитетна и сигурна иднина.
Деканот на Факултетот за Дизајн и Мултимедија при АУЕ - ФОН, проф. м-р. Милош Милосављевиќ, со подршка на ERASMUS програма за мобилност, од 01.08.2022 e во официјална посета на Факултетот за Уметност. Во рамки на посетата, деканот Милосављевиќ оствари средба со продеканот за меѓународна соработка и координатор за ЕRASMUS при Факултетот за уметност, проф. д-р. Катарина Ѓорѓевиќ, како и со продеканот за финансии проф.м-р. Мирослав Живковиќ.
Покрај презентација на просторно - техничките капацитети, како и програмските содржини кои ги нудат двата универзитети, договорени се конкретни чекори за продлабочување на соработката преку размена на искуства и информации, но и мобилност на студентите и наставниот кадар. Размената на студентите и наставниот кадар ќе се реализира во текот на академската 2022/23 година.
Воспоставената соработка со Факултетот за уметност од Ниш истовремено овозможува и глобална интеракција на кадарот од Факултетот за Дизајн и Мултимедија со колеги/уметници од регионот и пошироко, но претставува и одлична можност за промоција на нивните дела од областа на ликовната, применетата и музичката уметност.
Во таа насока, наставниот кадар од Факултетот за Дизајн и Мултимедија при АУЕ – ФОН ќе учествува на јубилејниот, десетти по ред Balkan Art Forum-BARTF, којшто ќе се одржи од 7 до 8 октомври во Ниш, во организација на Факултетот за уметност. Станува збор за научен собир со меѓународно учество, а темата на овогодишениот Balkan Art Forum е „Уметноста и културата денес: интеракција“.


