X
press enter »
MK
EN

АУЕ- ФОН и Министерството за одбрана со заеднички интерес и соработка во предизвиците на новото време: фокус на сајбер безбедноста

Менаџментот на Американскиот универзитет на Европа – ФОН оствари работна средба со претставници од Министерството за одбрана на кои им се презентираа можностите за стручно усовршување, едукација и обуки во делот на формалното и неформалното образование, согласно потребите на вработените во министерството, со кои што ќе се постигнат успешни резултати.

Соработката помеѓу Американскиот универзитет - ФОН и Министерството за одбрана, како што истакна Никица Јовановска од министерството, трае од 2009 години и за овој период, голем дел од вработените се едуцирале и стручно усовршиле токму на АУЕ- ФОН.

Ко-основачот на АУЕ – ФОН, м-р Сефер Цаноски на средбата истакна дека универзитетот се реорганизира, постојано работи на воведување на нови студиски програми, курсеви и неформални обуки, меѓу кои и Академијата за сајбер безбедност, со цел да креира вистински вредности и да обезбеди квалитетно образование.

Говорејќи за соработката со ThriveDX, со чие партнерство АУЕ – ФОН ја отвори Академијата за сајбер безбедност како регионален центар за Балканот, Цаноски потенцираше дека универзитетот е горд што станува дел од елитата, односно од листата на светски универзитети како што е State University of New York oд САД, кои што ги следат технолошките трендови.

„Учесниците на Академија за сајбер безбедност, по завршувањето на обуката ќе бидат подготвени за превенција и решавање на опасностите во дигиталниот свет, со цел да обезбедат заштита на податоците на компаниите, како клучен сегмент во ерата на дигиталното општество“, истакна Цаноски.

Во оваа насока, на состанокот менаџментот на АУЕ – ФОН и претставниците од Министерството за одбрана се согласија дека ќе се фокусираат и во иднина заедно ќе соработуваат за едукација на квалитетни кадри од областа на сајбер безбедноста, како една од најголемите закани и предизвици на денешницата.

Професорот д-р Ќире Јаќимоски од Факултетот за информатика, во чиј состав припаѓа Академијата за сајбер безбедност, во својата презентација пред Министерството за одбрана ja објасни важноста на овој тип на обуки за слушатели кои сакаат во релативно кратко време од 6 месеци со опсежна и детална интерактивна комуникација со инструкторот да станат експерти од областа на сајбер безбедноста, во сет на професии од оваа област. Јаќимоски посвети внимание при својата презентација и на содржината на обуката која се состои од материјали за учење придружени со квизови, лабораториски вежби и практични сценарија кои учествуваат во финалната оценка за успешно завршување на обуката.