МАКЕДОНСКО ФИЛМСКО ИЗДАНИЕ НА СЕДМИОТ ФЕСТУВАЛ НА ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ ОД ТУРКОФОНСКИОТ СВЕТ НА АУЕ - ФОН
Американскиот универзитет на Европа – ФОН денес беше домаќин на македонското филмско издание на Фестивалот на документарен филм на туркофонскиот свет од Турција, којшто се организира по седми пат. АУЕ – ФОН како универзитетот е долгогодишен партнер на Фестивалот на документарен филм на туркофонскиот свет, односно е еден од 16 приватни универзитети од 9 различни држави со кои фестивалот има воспоставено соработка. Па така, како резултат на соработката, посетителите на македонското издание на фестивалот денес имаа можност да видат два филмa: „Гулаб Гул“ од 2021 година кој е снимен во Афганистан и „Три армии“ од 2022 година, снимен во Босна и Херцеговина.
Ко-основачот на АУЕ – ФОН, м-р Сефер Цаноски изрази големо задоволство што универзитетот по две години пауза заради пандемијата, повторно ја продолжува соработката со Фестивалот на документарен филм на туркофонскиот свет.
„Да се биде домаќин на фестивал, на кој најсилно се забележува моќта на подвижните слики е можност да се соочиме со делата на авторите кои во исто време влијаат на текот на историјата со своите непобитни докази, особено во полето на документарната филмска дејност. Покрај двата филма кои што се прикажуваат денеска, фестивалот ни носи пријателство и можност за соработка со 16 нови универзитети од светот“, изјави Цаноски.
Ректорката на универзитетот, проф. д -р Билјана Пулеска Јанушевска во своето обраќање пред присутните гости и студенти истакна дека фестивалот е репер за имплементација на знаењата на сегменти од насоките кои што се изучуваат на нашиот Факултет за дизајн и мултимедија, несомнено еден од најуспешните факултети од оваа стручна уметничка област, со оглед на софистицираната технологија која се употребува при реализирањето на апликативните дела на студентите и наставата.
Директорот на Фестивалот на документарниот филм на туркофонскиот свет од Турција, г-динот Мендерес Демир изјави дека оваа година на фестивалот пристигнале вкупно 216 документарни филмови. Според Демир, целта на фестивалот е да се прикаже културата на народите од разни земји. Тој вели дека преку Фестивалот на документарниот филм на туркофонскиот свет се прикажуваат сличностите на луѓето, без оглед на тоа што живеат во други држави. „Преку документарните филмови всушност докажуваме дека културата е мост за поврзување на луѓето. А преку рашеноликоста на културите, на младите луѓе им ги прикажуваме можностите за нивен развој“, изјави Демир пред присутните, изразувајќи го притоа своето големо задоволство што соработката со АУЕ – ФОН во иднина продолжува во насока на заедничко содавање на подобри проекти од областа на културата.






