X
press enter »
MK
EN

НА АУЕ - ФОН СЕ ПРОМОВИРАШЕ КНИГАТА „ЕВРОПСКА ПРАВЕДНА ТРАНЗИЦИЈА ЗА ПОДОБАР СВЕТ“

На Американскиот универзитет на Европа – ФОН се промовираше книгата "Европска праведна транзиција за подобар свет" која е издадена од Европската Зелена Фондација (Green European Foundation - GEF). Автор на книгата е Дирк Холеманс, претседател на Европската зелена фондација (GEF), додека партнер на GEF и воедно претставник на оваа фондација во Македонија е Здружението за оддржлив развој „Изгрејсонце“ од Скопје.

Нашиот универзитет, како резултат на соработката со „Изгрејсонце“ беше домаќин на настанот за промоција на книгата која обработува исклучително актуелна тема на енергетската праведна транзиција во Европа и регионот, која стана особено значајна со моменталната енергетската и економска криза, со која се соочува светот денес.

Деканот на Факултетот за економски науки при АУЕ - ФОН, проф. д-р Саво Ашталкоски во своето обраќање пред присутните истакна дека прашањата кои се изнесени во книгата се посветени на трансформирањето на економиите од екстрактивни во регенеративни на праведен и правичен начин. Според деканот Ашталкоски, сведоци сме дека се неминовни промени во досегашниот систем на користење на необновливите ресурси од природата и зголемена употреба на обновливите ресурси во економијата и животот воопшто.

Во оваа книга, како што истакна Ашталкоски, фокусот е ставен на собирање и споделување на увид на развојни политики и применливи практики кои се развиени во одредени држави на чувствителен начин, имајќи ги предвид локалните специфичности. Тој посочи дека на оваа проблематика работеле повеќе организации и експерти кои спровеле различни активности во нивните матични земји, вклучувајќи истражувања, настани, публикации и интервјуа, за да ја зголемат свеста за важноста на правичната транзиција. Оваа книга е резултат на таа соработка и ги прикажува главните предизвици и можности околу праведната транзиција.

„Актуелноста на проблематиката е неспорна и како што е изнесено во заклучоците на книгата без разлика дали размислуваме за климатската криза која се развива, или за итната потреба за геополитичка енергетска автономија или за штетното влијание на екстрактивната економија врз заедниците и природата ширум светот, јасно е дека сите економии на Европа и пошироко се соочуваат со еден круцијален предизвик, а тоа е предизвикот за промени во своите економии. Тоа е јасно и неспорно но, прашањето колку побрзо треба да се променат економиите и на каков начин носи ризици и можни последици за луѓето и регионите“, изјави проф. д-р Саво Ашталкоски за книгата "Европска праведна транзиција за подобар свет".

Авторот на книгата, г-дин Дирк Холеманс, во своето обраќање истакна дека живееме во време кога светот се соочува со повеќе кризи, кризи кои што бараат ангажман од секој од нас. Тој посочи дека Зелениот договор на Европската Унија има навистина амбициозна цел, Европа да стане првиот климатки неутрален континент до 2030 година, преку трансформација на економиите во неутрални економиии, без притоа да се остави некој настрана од овој процес.

„Треба да се има проактивен пристап и доколку постои политика за трасформација на економиите, мораме да бидеме сигурни дека сме ги интегрирале сите во процесот. Отуука, кога станува збор за транзиција на економиите, постојат 2 елемента кои што се критични: промените во општеството/системот треба да бидат брзи и темелни. Ако зборуваме планот да се намали емитување на емисијата на штетни гасови до 2030 година за 57 %, тогаш станува збор за навистина краток период. Сепак, треба да бидеме и свесни дека доколку промените се брзи, постои опасност некој да оставиме зад нас. Од друга страна, промените секогаш носат нешто ново и посебно, така што постои опасност да се јави отпор кај населението и во тој случај ќе соочиме со едно разочарано општество. Затоа кога зборуваме за транзиција, клучно е да се изгради поддршка за промените, кои што се темелат на значајни вредности како: правда, солидарност и одредување на место за идните генерации. Сепак, финалната цел на транзицијата е да се обезбеди подобар живот на секој жител, без ограничувања“, истакна Холеманс, кој што појасни дека праведната транзиција во најголем дел претставува економска и социјална трансформација во енергетскиот сектор и економијата, водена од итноста на климатските промени и отпорноста на економијата и општеството од еден општ аспект.

Книгата "Европска праведна транзиција за подобар свет" во моментов е објавена само на англиски јазик, но веќе се работи на превод и наскоро ќе биде достапна и на македонски јазик.

Авторот на книгата, Дирк Холеманс е копретседател на Зелената европска фондација (ГЕФ) и ко-основач и директор на Оикос, зелениот фламански тинк-тенк кој има за цел социјално-еколошки промени. Претходно бил член на парламентот (во Фландрија) и градски советник (во Гент) на партијата на зелените. Работел како истражувач и предавач на различни универзитети во Европа.