АУЕ - ФОН ПОТПИША ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА СО НУФЦ „ВАРДАР ФИЛМ“
Американскиот универзитет на Европа - ФОН денеска потпиша Меморандум за соработка со НУФЦ „Вардар филм“. Меморандумот го потпишаа ректорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Билјана Пулеска Јанушевска и директорот на „Вардар филм“, Сани Саиди.
Во насока на остварување на континуираната соработка помеѓу АУЕ – ФОН и „Вардар филм“, меморандумот предвидува различни форми на соработка преку едукација, образование, усовршување, оспособување, учење и обука на вработени во националната установа и членови на нивното семејство на студиските програми од прв и втор циклус студии на АУЕ - ФОН универзитет.
Согласно документот, двете страни ќе организираат заеднички семинари, курсеви, обуки и други форми на доусовршување, како и истражувања од областите на взаемен интерес.
Меморандумот со „Вардар филм“ е од исклучително значење и за студентите од Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ – ФОН, бидејќи им овозможува услови за волонтирање и практична работа, како и изготвување на заеднички проекти од филмската дејност, со кои ќе може да се аплицира во рамки на домашните и европските фондови. Дополнително, „Вардар филм“ ги става на располагање сопствените просторни капацитети и опрема за потребите на студентите и наставниот кадар, согласно програмата на Факултетот за дизјан и мултимедија.
Потпишувањето на меморандумот со НУФЦ „Вардар филм“ претставува проширување на листата на соработници и партнери на АУЕ - ФОН, како и континуиран чекор за унапредување на образовниот процес преку размена на искуства и примена на иновациски пристап на работа, согласно потребите на студентите за нивниот професионален развој.


