X
press enter »
MK
EN

Една од најуспешните Македонки во Африка со мотивациски говор пред студентите на АУЕ – ФОН ги сподели своите искуства и патот до нејзиниот успех

Американскиот универзитет на Европа - ФОН денеска беше домаќин на Маја Јанеска, по потекло од Охрид, која веќе 22 години има свој успешен бизнис на африканскиот континент. Јанеска, заедно со бизнис претставници од Јужноафриканската Република, престојува неколку дена во нашата земја, нејзината татковина, со цел воспоставување дипломатска, образовна и економска соработка меѓу Република Северна Македонија и африканските земји. При посетата на нашиот универзитет, таа пред студентите на Економскиот факултет одржа интересно и многу мотивирачко предавање од областа на претприемништвото, споделувајќи ги своите лични искуства на младите за тоа како да се успее во животот и да се постигнат своите цели.

 Нејзината инспиративна приказна за наоѓање и водење сопствен бизнис во Африка, предизвика голем интерес и внимание кај студентите. Пред студентите на АУЕ – ФОН Јанеска истакна дека Африка како континент има голем потенцијал за работа и успех на младите. Таа нагласи дека секој млад човек има можности да успее. Но, за да се успее во животот и бизнисот, покрај знаењето стекнато во образовниот процес, според Јанеска, потребно е секој млад човек да има самодоверба.

 „Можете да имате добри и лоши моменти во животот, но вие сте тие кои можете и треба да правите промени. Едно е желбата, друго е самодовербата. Верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете“, им порача Јанеска на студенти од Факултетот за економски науки на крајот од нејзиниот говор.

Маја Јанеска, споделувајќи ги тајните на нејзиниот успех, рече дека водена од желбата сама да успее, на 19 години ја напуштила Македонија и прво се преселила во Танзанија, каде се вработила во хотел. За полесно да се прилагоди и да успее на африканско тло, за само 3 месеци го научила јазикот свахили, еден од 14-те официјални јазици во Африка. Јанеска денес течно зборува 7 јазици.

Недолго откако пристигнала, таа започнала бизнис во текстилната индустрија, а подоцна и во уметничкиот бизнис и стајлинг, каде што го отворила своето прво училиште за „make up“ како прво и единствено училиште од ваков вид во земјава. Освен познати личности од Африка, таа соработува и со светски познати ѕвезди, како Кајли Џенер и Ким Кардашијан.

                                                               

Подоцна таа продолжува да снима кратки едукативни видеа и го следи развојот на технологиите и социјалните мрежи, преку нејзините профили на Инстаграм и Фејсбук и посебно нејзиниот канал на Јутјуб каде што привлекува повеќе од 1,2 милиони следбеници и ја добива првата награда „сребрено копче“ за 100.000 следбеници, а подоцна и „Златно копче “ за 1 милион следбеници.

Во истиот период одржува работилници за шминкање каде што предава на преку 300 студенти. Ова е препознаено од Академијата за шминка во Њујорк - како една од најелитните академии во оваа област каде што била поканета да предава.

Подоцна отвора своја линија за шминка и соработува со палета на светскиот бренд Анастасија Беверли Хилс, која беше распродадена низ целиот свет за само 2 месеци.

Денес, Маја е една од најуспешните Македонки која живее во Јужноафриканската Република, каде што се занимава со претприемништво и соработува со сопствена компанија за бизнис и развој на руда, нафта, гас, лотарија, пакување тутун и трговија со други стоки.