X
press enter »
MK
EN

СО СТУДЕНТСКИОТ СТАНДАРД СТУДЕНТИТЕ ПРЕЖИВУВААТ, А НЕ ЖИВЕАТ

Студентите во нашата држава го оценуваат студентскиот стандард со 4.5 од 10. Оваа оценка, покажува дека студентскиот стандард дозволува студентите да преживуваат, но не и да живеат. Ова е главниот заклучок од истражувањето „За студенцките работи“ кое беше презентирано денеска, при што станува збор за сеопфатно истражување на студентскиот стандард со цел да се прикаже вистинската слика за тоа како живее еден просечен студент во државата, направено во текот на академските 2022/23 и 2023/24 година од страна на студентите од Факултетот за правни и политики науки при Американскиот универзитет на Европа - ФОН.

Предмет на истражувањето во кое беа вклучени 1176 студенти беше студентскиот стандард односно условите за домување и прехрана во и надвор од студентските домови, соодносот помеѓу трошоците на студирањето и студентскиот живот и приходите на студентите, односот на Министерството за образование и наука и Агенцијата за млади и спорт кон студентите и нивното задоволство од мерките за унапредување на студентскиот стандард, како и анализа на правната и политичката рамка за студентскиот стандард.

Освен слабата оценка за стандардот главни заклучоци од истражувањето се:

  • Постои голем диспаритет помеѓу семејните и личните приходи и трошоците за студирање и студентски живот.  Па така, трошоците за еден студент изнесуваат 300-400 евра месечно. Оваа сума, споредена со просечните приходи на едно македонско семејство, укажува дека издржувањето на студент, подразбира оптоварување на семејниот буџет.
  • Недоволни и селективни владини мерки за студентскиот стандард – анализата на правната рамка и рамката за политики врзани со студентскиот стадард, ставена во корелација со ставовите на испитаниците кои учествуваа во истражувањето укажува дека, иако Владата и МОН имаат воведени мерки за унапредување за студентскиот стандард, голем дел од нив, не се доволно функционални во пракса, а прават и разлика помеѓу различни категории на студенти. Ова особено се однесува на: мерката студентски оброк, бесплатниот превоз на ЈСП и студентските стипендии.
  • Недоволна отвореност на Министерството за образование кон надвореши субјекти и недоволна соработливост и инклузивност во процесот на креирање на политики, што особено беше забележано и од односот на МОН кон истражувачкиот тим, за што говори фактот дека иако исконтактирани во неколку наврати, службите не ги доставија бараните информации.
  • Лоши услови во студентските домови – Тргнувајќи од условите за сместување во студентските домови, видот и количината на храна која е достапна на студентите, како и нејзиниот квалитет, рестрикциите на топла вода, слабото греење и процедурите за прием, укажуваат дека студентските домови се во алармантна и загрижувачка состојба и мора да бидат поставени високо на владината агенда.  Студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, иако предвидени во првата фаза на етапната реконструција, до сега не се започнати со градежни активности, а „Кузман Јосифовски – Питу“ и оваа година не прима студенти, што значително го намалува бројот на студенти кои ќе може да се сместат во домовите. Состојба на огромен диспаритет помеѓу усовите во „Гоце Делчев“ и останатите домови – што повлекува селективност во приемот, и користење на нефер, па дури и практики на злоупотреба на службената положба за добивање легло таму. Финално, речиси целосно отсуство на студентските домови од останатите градови, надвор од Скопје, во сеопфатните анализи и стратегии.
  • Недостиг на стратешки пристап во креирањето на политиките и мерките насочени кон студенскиот стандард што се гледа во недоследноста на мерките од една во друга академска година, но и целосната занемареност на проектите од областа на студентскиот стандард.
  • Процесот на мониторирање и оценување на напредокот на полето на студентски стандард е тешко спроводлив поради ригидноста на институциите, нивната несоработливост, а во некои случаи дури и непочитување на законските процедури за пристап до информации.
  • Слаб слух на институциите за сите прашања поврзани со студентите, односно целосно токенизирање на студентските тела и претставнци. Нивно вклучување во состаноци, работни средби кои не се користат за продуктивни туку популистички цели, што понатаму води кон систем на мерки, политики и норми кои не се засноваат на вистинските потреби и оттука, немаат позитивно влијание врз студентите.

Деканката на Факултетот за правни и политички науки, проф. д-р Сејдефа Џафче на денешната презентација на резултатите од истражувањето „За македонцките работи“ истакна дека преку проектот се нотира потребата и важноста од мапирање на предизвиците со кои се соочуваат студентите, а кои се поврзани и произлегуваат од самата природа и карактерот на студентскиот стандард во државата, како и да се документираат перцепцијата, искуствата и ставовите на студентите  во врска со предметот на истражувањето.

„Проектот ја потенцира потребата од поттикнување на засегнатите страни за потранспарентен  и поодговорен  пристап во управување со прашањата кои директно го детерминираат карактерот на студенскиот стандрад. Воедно преку проектот, Факултетот за правни  и политички науки имаше за цел да ја подигне свеста на  студентите  за значењето на  нивните   права како во   сегментот   на  образование, така и во сегментот на нивниот животен стандард. Напоредно со тоа, преку овој проект студентите имаа прилика практично да ги совладаат методите на научно – истражувачка работа, да се здобијат со вештини поврзани со реализација и примена на стандарди на научно истражувачката  работа, како и  да ги   развијат комуникациските вештини, тимската работа и работата на терен“, истакна деканката Џафчe.

По презентирање на резултатите од истражувањето се одржа и трибина на тема „Студентскиот стандард во Република Северна Македонија“, на која учествуваa раководителот на секторот за високо образование при Министерството за образование и наука, г-дин Ахмет Ќазими, директорот на Агенцијата за млади и спорт, г-дин Наумче Мојсоски, директорот на Државните студентски домови, г-дин Виктор Велевски, како и претставници на невладини студентски организации. Сите учесници на дебатата беа едногласни дека оценката од 4.5 е навистина мала и дека треба да се работи на подобрување на студентскиот стандард, при што се потенцираше и важноста за зголемување на буџетот од државата за студентите, средства кои ќе се насочат за реновирање на студентските домови и во насока на обезбедување на квалитетни услови за престој и живеење во државните студентски домови низ целата држава. Секако, учесниците ја нагласија и потребата од подигнување на свесноста на студентите кои престојуваат во студентските домови за чување на инвентарот и одржување на хигиената, затоа што студентските домови претставуваат дом на секој студент, кој треба да води соодветна грижа.

На крајот од трибината, а како заклучок и од истражувањето се потенцираше дека треба да се посвети поголемо внимание на прашањата поврзани со студентскиот стандард, да се има поголем слух за студенските потреби преку потранспарантен однос на институциите компетентни за креирање на политики, како и поголема и поактивна соработка на МОН, АМС, универзитетите и факултетите со студентите и студентските тела. Се разбира, неопходен е потранспарентен систем во постапките на сместувања во студенските домови, унапредување на условите во студентските домови, како и поактивно следење на јавните набавки во студентските домови, со цел спречување и санкционирање на евентуални малверзации.

Целосното истражување и резулатите може да се најдат на следниот линк