X
press enter »
MK
EN

Г-дин Бранко Чобанов гостин на ФСЈ





Студенти по француски јазик од Факултетот за странски јазици, Правниот факултет и Факултетот за политички науки и дипломатија при ФОН Универзитетот имаа ретка можност да присуствуваат на едно информативно и уште повеќе инспиративно предавање во рамките на клиничката настава по француски јазик кое на покана на Виш лектор м-р Наташа Алексоска го одржа Г-дин Бранко Чобанов, Аташе за култура, помошник на директорот на Францускиот Институт во Скопје и за многумина, инкарнација на францускиот јазик и култура во нашето општество.

Г-дин Бранко Чобанов во кратки црти и со блага доза на хумор ги запозна студентите со својот необичен животен пат од раната младост помината во Мароко и Сенегал, уникатната можност покрај францускиот да научи да го зборува течно и арапскиот јазик, изборот да учи англиски јазик во средното образование затоа што да учи француски кој го владее на ниво на мајчин јазик би било прелесно, а човек кој не се плаши од предизвици не го бира полесниот пат, одлуката да запише студии по инженерство во Скопје, драматичниот ефект на првата посета на космополитскиот Париз во студентските денови, констелацијата на околностите во кои ја започнал кариерата и ја преземал функцијата аташе за култура во Францускиот Институт во Скопје при Амбасадата на Р.Франција во РМ која и ден денес успешно и со голема љубов и посветеност ја извршува.

Гостинот на студентите им ја појасни улогата на Францускиот Институт во Скопје и претстави конкретни новини како отворањето на богатата електронска културoтека која овозможува пристап преку интернет до целокупниот фонд од 9.000 електронски книги, 560 списанија, 500 филмови, 3.352 музички концерти, 200 стрипови и 1.000 видео-записи со кои располага Францускиот Институт во Скопје, за можностите за изучување на францускиот јазик преку специјализирани курсеви и полагање на меѓународните дипломи DELF/DALF, за заложбите за континуирано усовршување на близу 600 професори по француски јазик во РМ преку обуки, на пример, за употреба на белите интерактивни табли во наставата по француски јазик и секако организирање на годишниот семинар “Université d`été de Struga” за современи и иновативни наставни методи.

Но, тоа што можеби најмногу го задржа вниманието на студентите е што преку конкретни примери Г-дин Бранко Чобанов им го доближи концептот накултурната дипломатија како практика на латентно присуство на Франција во светот со цел засилување на меѓусебната културна соработка, почитување и признавање на културната разновидност и културното наследство и секако промовирање на неспорните француски достигнувања на полето на културата.

Исто така, гостинот на многу пластичен начин на студентите им го појасникултурниот инженеринг кој е суштината на неговата секојдневна работа која бара не само развој на стратегии, планирање и менаџмент на настани од сферата на културата туку и антиципирање, превентивно делување и континуирана комуникација со луѓе од културата, дипломатијата, бизнисот и другите сегменти на општественото живеење.

Студентите Марија Чукарска, Ана Јанкуловска, Фросина Спасeска и Димитар Димитровски инспирирани од богатото животно искуство и професионалната кариера на гостинот во текот на дискусијата се интересираа за неговите посведочени вештини на врвен толкувач од/на француски јазик и личните впечатоците од познанството со многу француски ведети од светски ранг кои гостувале во РМ како Жилиет Бинош, Изабел Ипер, Кетрин Денев и др., демонстираа силен интерес за можностите за практична работа и непосредно вклучување во проектите на Францускиот Институт во Скопје, за критериумите под кои се доделуваат стипендиите на Владата на Р. Франција за втор и трет циклус на студии, за следните културни активности кои се во тек и кои се во план да се реализираат.

Со порака дека вратите на Францускиот Институт во Скопје се отворени за сите заинтересирани студенти по француски јазик од ФОН Универзитетот и препорака да ја посетат Франција затоа што навистина е фасцинантна земја која никого не остава рамнодушен заврши едно пријатно претпладне поминато во непосредно дружење со Г-динот Бранко Чобанов, голем франкофон, но уште поголема инспирација.