X
press enter »
MK
EN

Одржана обука по академско пишување

На 16.04.2022 година успешно се реализираше еднодневната online обука по академско пишување. За обуката се пријавија студенти од сите факултети на АУЕ-ФОН Универзитетот. Обуката се реализираше на платформата Teams и ја следеа вкупно 31 студент, од над 40 пријавени. 

Целта на обуката беше да им помогне на студентите кои се во завршна фаза на студии да се стекнат со знаења, вештини и способности во процесот на пријавување и подготовка на завршните академски трудови (дипломски и магистерски). Преку овој курс, покрај техничките детали и правила за академско пишување, студентите имаа можност да се стекнат со вештини со кои ќе се организираат и самостојно ќе ги реализираат сите постапки во научно-истражувачката работа: пребарувањето и селектирањето на научната литература, користењето на примарните, секундарните и терцијарните извори на податоци, организирањето и структурата на пишаниот текст, процесот на неговото пишување, уредување и ревидирање. Обуката ги опфати практичните аспекти во сите фази во изработката на завршните академски трудови (дипломски и магистерски) и тоа:

 - Избор и формулирање на темата на истражувањето;

- Формулирање на основните тези;

 - Структура и елементи на идејната скица (дефинирање на истражувањето; предмет и цел на истражувањето; креирање на хипотези; примена на методи; литература);

- Делови на трудот (вовед, главен дел, заклучок, библиографија);

- Начини на цитирање и наведување на извори во академски трудови: оксфордски стил на цитирање (Oxford Referencing System), ванкувер стил за цитирање (Vancouver Citation System), хардверски систем (The Harvard Referencing System) или АПА (APA - American Psychological AssociationAPA) стил за цитирање и наведување на извори во академските трудови.

Во текот на обуката, која ја спроведе проф. д-р Сејдефа Џафче, се отвори плодна дискусија и се поставија низа прашања и дилеми од страна на студентите.