Студент на ФОН – Амбасадор на мирот
Анеса Алити, студент во втора година на Факултетот за политички науки, дипломатија и новинарство при Фон Универзитет од Скопје, ја имаше честа да учествува на конференцијата под наслов: „Млади амбасадори на мирот – Дојдете во Белград, спознајте го регионот!“ Оваа конференција во Белград спои 20 млади граѓани, на возраст од 18 до 30 години, од Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Конференцијата се одржа по петти пат и е во организација на Младинскиот образовен центар а финансиран од Британската амбасада во Србија.
Учесниците на конференцијата ја имаа можноста да слушаат предавања од Мајкл Девенпорт - амбасадор на ЕУ во Србија, Гордан Маркотиќ – амбасадор од Хрватска, Ваљдет Садику – офицер за врски меѓу Белград и Приштина, Борислав Стефановиќ, Душан Јањиќ – политички аналитичар, Маријана Тома – заменик извршен директор на Хуманитарно-правен центар, Дубравка Стојаневиќ – историчар итн. Тема на дискусија беше: „Како ЕУ интеграцијата му помага на регионалниот мир и соработка меѓу западно-балканските земји?“ и се опфатија теми на дискусија како: човекови права, историјата на Југославија, судови за воени злосторства, Охридскиот договор, Белградско – Приштински договор, процесот на интеграција, искуството на Хрватска во европските интеграции итн. Исто така се одвои и време да се посетат неколку амбасади, Националниот асамбал и Судот за воени злосторства.
За затварањето на конференцијата, учесниците беа наградени со сертификати и медали, кои ги доделија Доминик Хајдн Брајтвајт, советник за регионален конфликт во име на Амбасадата на Обединетото кралство и Наим Лео Бешири од Младински образовен комитет.